Откога на АМСМ пред извесно време му истече лиценцата за спроведување на возачките испити, а надлежните одолжуваат со доделување нова, упатените прогнозираат дека нема да има разврска дури до почетокот на септември, што е сериозен проблем за град со над 700 илјади жители
Испитниот центар на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) во Скопје од 13 август воопшто не спроведува теоретски и практични тестирања за возачки испити поради истечена лиценца за работа. Граѓаните на главниот град, доколку сакаат да почнат процедура за полагање теоретско тестирање или, пак, доколку на скопските улици сакаат практично да го тестираат своето знаење, не се во можност да го сторат тоа токму поради истечената лиценца и целосното неспроведување испити за возачи. Веќе десет години Авто-мото сојузот го врши тестирањето во главниот град и ова е првпат граѓаните да се соочуваат со ваков проблем.
Лиценцата за спроведување на испитите ја доделува Министерството за внатрешни работи и на конкурсот, според неофицијални информации, се јавиле неколку правни субјекти заинтересирани да ги водат испитувањата. Засега, од МВР не добивме никакви информации за тоа дали лиценцата на АМСМ ќе биде продолжена или таа ќе му биде доделена на некој друг правен субјект, а нема ниту информации за тоа кога ситуацијата ќе добие разврска. Важно е да се напомене дека само еден правен субјект може да ја добие лиценцата и тој мора да биде единствен во Скопје што ќе ги организира, спроведува и води тестирањата. МВР прави одреден правилник и поставува услови што е неопходно пријавените да ги исполнат за да бидат во конкуренција за добивање на лиценцата.
Испитниот центар во Скопје во моментов не врши тестирања, ниту какви било процедури во однос на полагањата, а граѓаните ќе треба да почекаат до доделување на лиценцата за да можат да добијат дозвола од која било категорија. Овој застој, освен на граѓаните, кои веќе ги имаат комплетирано часовите за практично возење и чекаат за тестирање, им создава проблем и на автошколите чии клиенти нема да можат да полагаат сè до решавањето на настанатата ситуација.
Возачките дозволи се документи што се неопходни за поголемиот дел од граѓаните, а на некои луѓе целосно им зависат егзистенцијата и работата од тоа дали ќе земат дозвола и токму поради тоа прекинот во работата на испитните центри е сериозен проблем за скопјани.
– Јас уште пред еден месец ги имам завршено часовите за категоријата Ц, и не можам да почнам со работа поради неможноста да полагам практично. Ова е сервис за граѓаните во кој не смее да има застој и луѓето губат и време и пари поради тоа што не може да полагаат за возачка дозвола. Не знам зошто ова не е решено пред истекот на лиценцата на Испитниот центар – вели граѓанин од Скопје на кој дозволата за камион му е неопходна за да го нахрани семејството.
Од друга страна, и автошколите заедно со инструкторите за возење сметаат дека ќе се соочат со проблем, бидејќи може да се создаде навала од кандидати откако испитниот центар ќе почне со работа, односно кога ќе се реши ситуацијата. Неколку од инструкторите што ги прашавме велат дека примаат нови кандидати и се спроведува практичната настава, но проблемот ќе се појави подоцна кога ќе се насоберат голем број лица што ќе имаат намера да полагаат тестови и градско возење. Според упатените, разврска нема да има дури до почетокот на септември, што е сериозен проблем за град со над 700 илјади жители.
Недостигот од информации за тоа до каде е постапката за доделување на лиценцата за испитниот центар за возачки дозволи создава услови во кои граѓаните остануваат во неизвесност. На заинтересираните за возачки дозволи не им преостанува ништо друго, освен да чекаат надлежните да ја решат ситуацијата и скопјани повторно да добијат можност да дојдат до возачки дозволи.