Без струја делови од Карпош, Ѓорче Петров и од Сопиште
Поради електротехнички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска четири часа без електрична енергија ќе останат жителите од селото Горно Нерези во Општина Карпош. Од „ЕВН Македонија“ АД исто така информираат дека денеска во периодот од 8.30 до 12.30 часот прекин во напојувањето со струја ќе имаат и корисниците од селата Горно и Долно Соње во Општина Сопиште.
Исклучени од електросистемот ќе бидат и дел жителите од улицата Фјодор Достоевски во периодот од 9 до 12 часот, во Општина Ѓорче Петров.
Реконструкција на детско игралиште во населбата Железара
Започна реконструкцијата на детското и спортско игралиште на улицата Душан Тасковиќ во населбата Железара. На теренот за спорт и забава најпрвин ќе биде поставена нова подлога, погодна за безбедна игра и за забава на најмладите. Старите и нефункционални реквизити ќе бидат заменети со нови.
Од Општина Гази Баба информираат дека на спортскиот дел од теренот ќе бидат поставени нови фитнес-реквизити, кои ќе може да ги користи и повозрасната популација. Покрај делот за забава и спортување, проектот за реконструкција на ова детско игралиште предвидува и холтикултурно уредување на просторот, што ќе му даде и една поинаква димензија на просторот.
Повторно бесплатна ужинка за првачињата во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров ја враќа бесплатната ужинка за првоодделенците и тие ќе можат да ја добиваат штом ќе се вратат во училиштата во новата учебна година. Трошоците за бесплатните ужинки на децата ќе бидат покриени од страна на локалната самоуправа.
Надлежните информираат дека дечињата од одделенска настава повторно ќе имаат можност да заминат на еднодневна екскурзија. Двете мерки неодамна привремено беа укинати.