Забрзана изведба на адреналинскиот парк
Интензивно се работи на спортскиот адреналински парк по должината на кејот на реката Вардар, околу алпинистичката карпа. Веќе се одредува просторот за новото зеленило и хортикултурното уредување, кое ќе се простира на површина од 4.000 квадратни метри. Се преземаат градежни активности за изведба на новото фудбалско и одбојкарско игралиште, на детската зона, на скејт-паркот, како и на адреналинскиот дел и скверот.
– По завршувањето на изведбата на спортскиот адреналински парк, општината Карпош ќе продолжи со подготвителни активности и рамнење на теренот до бунарите на реката Лепенец, за целосно да се раззелени овој дел, кој со децении е место за создавање депонии и палење огнови на отворено. Локалната самоуправа одвои три милиони денари од буџетот за почеток на подготвителните активности, а градот Скопје ќе даде и поддршка за големиот парк, поточно за раззеленување на потегот – информираат од општината Карпош.
Локалната самоуправа за спортскиот адреналински парк, преку Секторот за развој, аплицира во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што е добиен грант во висина од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбедија Европската Унија и Владата на Македонија преку кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања. Учеството на локалната самоуправа изнесува околу пет милиони денари, а паркот се очекува да биде завршен до крајот на јуни 2020 година.
Дел од улицата Борис Сарафов доби нова атмосферска канализација
Во завршна фаза се градежните активности за изградбата на атмосферската канализација на улицата Борис Сарафов во општината Ѓорче Петров.
– По барање од градот Скопје и општината Ѓорче Петров, беше изработена проектно-техничка документација за атмосферската канализација на дел од улицата Борис Сарафов, во општината Ѓорче Петров. Со реализација на проектираната атмосферска канализација, во должина од 600 метри и дијаметар од 400 милиметри, се создадоа услови за идно проектирање, а потоа и изградба на атмосферска канализација и по другите улици во овој дел од населбата. Трасата на атмосферската канализација е усогласена со решенијата за хидротехничка инфраструктура во ДУП за овој локалитет – информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Претпријатието го обезбеди потребниот материјал за реализација на овој проект, во вредност од 1.253.000 денари.
Генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски, и градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Наумоски, и на терен ги надгледуваа завршените градежни активности на улицата Борис Сарафов.