Жители сакаат монтажен паркинг спроти ОУ „Стив Наумов“

Општината Гази Баба планира да изгради монтажен паркинг на едно ниво над веќе постојниот паркинг-простор кај експозитурата на Комерцијална банка, за да обезбеди нови 100 паркинг-места, пред сѐ за жителите на населбата. Граѓаните мислат дека им се потребни повеќе вакви монтажни паркиралишта

Општината Гази Баба во Автокоманда планира да гради монтажен паркинг на едно ниво над веќе постојниот паркинг-простор кај Комерцијална банка, бидејќи ова паркиралиште одамна не ги задоволува потребите на граѓаните. Жителите од оваа скопска населба во целост имаат проблем со паркирање, а тротоарите и коловозите на станбените улици одамна се преполни со автомобили. Со проширувањето на терасите на голем дел од станбените згради во населбата и изведбата на нови фасади е одземен голем дел од просторот на и онака малите јавни површини, а сега се одзема и голем дел од коловозите на уличките. Тие веќе станаа претесни за разминување на две возила, а во одредени ситуации тешко е да се помине и пеш. Слична состојба има во други градски населби во градов, како во Кисела Вода, Чаир, Скопје Север, па проблемот со паркирањето веќе се доведува до прашањето им требаат ли катни гаражи и на општините. Нивната изградба секако чини и пари, кои треба да се обезбедат, а во случајот единствено решение за Автокоманда е изградба на монтажен паркинг.

– Улиците одамна станаа паркиралишта, а паркирањето во населбата е вистински проблем. Многу малку од станбените згради имаат сопствени паркинзи, па неминовно е да се паркира на уличките. Изградбата на монтажниот паркинг не е решение на проблемот со паркирањето. Според мене, за него не е одбрана ниту вистинската локација. Ваков паркинг и на повеќе нивоа е потребно да се изгради во срцето на Автокоманда, кај паркиралиштето пред основното училиште „Стив Наумов“. Тој простор најмногу одговара да биде паркинг со поголем капацитет, бидејќи ќе можат да го користат жителите од повеќето околни станбени згради – вели жител на Автокоманда.
Општината Гази Баба веќе ја подготвува проектната документација за планираниот монтажен паркинг.

– Во Автокоманда ќе се гради монтажен паркинг на едно ниво над веќе постојниот паркинг-простор кај Комерцијална банка, кој ќе отвори нови 100 паркинг-места, пред сѐ за жителите на населбата. Веќе се подготвува проектна документација. За овој проект се одвоени 15 милиони денари, тој е претставен и пред граѓаните, од кои имаме поддршка за негова реализација. Но, сепак, и главниот проект ќе биде презентиран пред нив и, доколку добиеме согласност, ќе биде и реализиран. Општината Гази Баба секогаш работи во согласност со жителите и ги слуша нивните барања – посочуваат од општината.

Некои жители на Автокоманда велат дека монтажниот паркинг може само да ја ублажи состојбата со паркирањето, и тоа само во еден дел од населбата, додека во другите и натаму тротоарите и коловозите од станбените улици ќе останат преполни со паркирани возила. Други, пак, сметаат дека е потребно зонско паркирање во индустрискиот дел на населбата, каде што има повеќе фирми. Проблемот со паркирањето сѐ повеќе ги притиска граѓаните по скопските населби, проблем што веројатно одделни општини би можеле да го решаваат етапно, со изградба на што повеќе паркиралишта или, пак, со монтажни паркинзи.