Градот Скопје во соработка со Општина Кисела Вода денеска почна акција за расчистување голема дива депонија во Драчево.
– Во општината Кисела Вода, во населеното место Драчево, преку јавните претпријатија на Град Скопје денеска започнуваме со расчистување на една огромна дива депонија создавана во изминатиот период, а која негативно влијае врз животната средина – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој упати апел до граѓаните да ја чуваат животната средина и да не создаваат диви депонии, зашто, како што рече, кон Скопје треба да се однесуваме како да е наш дом.
– Грижата за животната средина треба да е повеќестрана – од нас како институции од една страна преку чистење и засилен инспекциски надзор, но и од страна на граѓаните кои можат да придонесат за зачувување на животната средина – рече Шилегов.