Интензивно се работи на уредување на јавниот простор на влезот од трговскиот центар „Лептокарија“, во населбата Карпош 3. Веќе се засадени дел од украсните растенија, а поставени се и нови клупи за седење и подлога.
За подобро одржување на новозасаденото зеленило, ќе се постави и систем за наводнување, како и реквизити за рекреација на најмладите.
Локалната самоуправа континуирано работи на одржување на постојното и зголемување на новото зеленило.
– Изминатиот период комуналните служби ги кастреа сувите и надвиснати гранки во повеќе населби низ Карпош. Исто така, продолжи и двосменската работа за наводнување на новозасадените дрвја и тревни површини, на локациите каде што не се поставени автоматски системи. Овие зелени површини, мини-скверови и паркчиња, треба да обезбедат подобар маалски живот и меѓугенерациска дружба на карпошани, бидејќи тоа се места каде што луѓето се социјализираат и рекреираат – информираат општинските власти.
Оттаму апелираат до граѓаните, кога ги посетуваат овие зелени зони, задолжително да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19, односно да носат заштитни маски, да одржуваат дистанца и да вршат редовна дезинфекција.