Горан ја продолжува традицијата и е четвртата генерација часовничари во своето семејство. За себе кажува дека се радува на секој поправен часовник и оти тоа многу го исполнува. Со искри во очите, голема возбуда и радост ги чека своите муштерии за да им го предаде поправениот часовник. Вели дека неговата радост е комплетна кога ќе ја сподели со сопствениците на поправените часовници
Горан Домазетов, последниот часовничар во Старата скопска чаршија
Горан Домазетов е последниот часовничар во Старата скопска чаршија од четвртата генерација часовничари во своето семејство. Својот занает го наследил од татко си Владо Домазетов, татко му од својот вујко, а тој, пак, од неговиот дедо. Иако вели дека е семеен човек со две деца, неговиот син нема да го наследи во занаетот, бидејќи повеќе го привлекува информатиката, па тој го остава сам да одлучи со што ќе се занимава во животот. Домазетов смета дека занаетот треба да се засака од мали нозе.
За себе кажува дека се радува на секој поправен часовник и оти тоа многу го исполнува. Со искри во очите, голема возбуда и радост ги чека своите муштерии за да им го предаде поправениот часовник. Вели дека неговата радост е комплетна кога ќе ја сподели со сопствениците на поправените часовници. Го радуваат реакциите на луѓето, поради тоа што кога дошле во неговиот дуќан најпрвин имале само мала доза надеж дека часовникот, можеби подарок од драга личност или емотивно сеќавање на нешто, ќе биде поправен, а кога ќе го добијат назад заминуваат пресреќни.
– Кога муштериите ќе ми донесат некој скап часовник за кој однапред имаат голема доза сомнеж дека ќе се поправи, па тој откако ќе го поправам повторно ќе проработи, за мене е исто како на доктор да му оставите пациент пред умирање, а тој ќе го врати во живот. Така се чувствувам и јас и се борам да го оживеам часовникот што мерел нечие време полно со настани и доживувања. Работам на него посветено и чинам мојата радост е уште поголема кога ќе му го предадам поправениот часовник на муштеријата и ќе го видам неговото радосно и задоволно лице. Ете, утре очекувам еден таков муштерија и едвај чекам да дојде тој момент – со многу возбуда и чувства за својата работа раскажува часовничарот Горан Домазетов.
Тој се занимава со занаетот од 1989 година, а почнал да го учи уште како дете од својот татко Владо, кој бил признаен и познат часовничар во чаршијата, а занаетот на времето го усовршувал во Загреб. Тој потоа повеќе години работел во Белград, кај тогаш многу познатиот и голем мајстор, часовничарот Таќи Димитриевиќ, па така и тој самиот станал познат мајстор, чиј прв дуќан бил спроти црквата „Свети Димитрија“, а потоа го отворил сегашниот во Старата скопска чаршија.
Горан завршил средно стручно училиште, по што станал машински техничар, а за да добие диплома за часовничар морал да полага стручен испит прецизна механика во тогашното училиште „Гоце Делчев“, единственото, како што вели, од кое излегувале обучени лица за поправка на тогашните машини за пишување. За да го положи испитот, пред стручна комисија морал да поправи еден рачен часовник и еден будилник, а тој успешно го направил тоа.
– Јас сум последниот часовничар во моево семејство и по мене нема кој да ме наследи во занаетот. Мојот син не го интересира занаетот, а за да си занаетчија треба да си и дуќанџија, цел ден да го поминеш во дуќан, а не пред дуќан. Се сеќавам дека во чаршијата бевме петмина часовничари и имаше редови од муштерии, кои носеа скапи часовници, како на редовно одржување така и на сервисирање. Работам веќе 32 години и морам да признаам дека и овој занает полека изумира, како резултат на потрошувачкото општество. Се продаваат евтини производи, а луѓето купуваат часовници дури и на зелените пазари, иако тие не се со некој квалитет, а сето тоа е поради нискиот стандард на граѓаните. Пандемијата се почувствува и во нашиот занает, бидејќи се намали бројот на муштерии, а оние, пак, што ни се редовни ако имаат два часовника едниот ќе го поправат, а другиот ќе го остават за некои подобри времиња. Дури и коженото ремче ако се изветвило, ако е зимно време некој ќе го носи под ракав, па можеби налето ќе го промени – раскажува Домазетов.
Според него, ако досега можело да се заработи за да се издржува семејството, отсега натаму станува сѐ потешко, а како една од причините е и напредокот во технологијата. За да се опстои како занаетчија, вели тој, потребно е да се купат и нов алат и нови машини, а една пинцета што ја користат часовничарите чини 60 евра.
– Ако знам дека месечно ќе поправам пет скапи часовници би ја купил и машината за чистење, која нам часовничарите ни е повеќе од потребна, а чини 18.000 евра. Во спротивно тешко е да вложите, а потоа да не заработувате. Машината за прецизност на часовникот, машината што го дава резултатот од поправката, на пример, го дава аголот под кој е наместен магнетот, чини 5.400 евра. Таа за нас часовничарите е исто така важна, ако не и најважна, но како да вложите, ако не знаете што ве чека. Со пандемијата, заработката е значително опадната, а доаѓа и зимно време кога во чаршијата е навистина мртво. Со туристите во летниот период е преубаво, но лани воопшто ги немаше, а годинава имаше понекоја група од Полска или од Турција и толку. Добро е ако издржиме до пензија, да се надеваме – со доза огорченост додава Домазетов.