Почна првата фаза од санацијата на објектот Чифте амам, еден од четирите објекти на НУ Националната галерија на Македонија, заедно со Даут-пашиниот амам, Мала станица и Спомен куќата на Лазар Личеноски. За време на санацијата, која ќе трае два месеца, објектот ќе биде затворен за посета.
Ќе се врши санација на кровот со изведба на хоризонтални и вертикални олуци за одбрана од атмосферски води, ќе се гради дренажен канал на источната страна на објектот, екстериер, санација на сите оштетувања од влага во ентериерот – депоа, изложбен простор, со изведба на специјална позадина со панели по должината западниот периметрален ѕид.
Ќе се пренаменат простории во функционален изложбен простор со визуелен контакт со хипокаустот и дислокација на портирницата, а ќе се изведува и заштитна покривна конструкција на надворешната источна страна врз огништето и ќе се санира и громобранската инсталација.
Според Лазар Шуманов, проектант на „Основниот проект за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам во Скопје, во оваа фаза, во рамките на одобрените средства од Министерство за култура се опфатени приоритетните проблеми од сите наведени со цел нивно долготрајно решавање.
Сите зафати на објектот Чифте амам се одвиваат согласно Конзерваторското одобрение за санација на оштетувањата од влага – ентериер и екстериер, заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ зрачење и оградување на Чифте амамот во Скопје, издадено од Управата за заштита на културното наследство во 2017 година.
– Реконструкцијата и санацијата на овој значаен културно-историски споменик, редок споменик на исламската архитектура кај нас е предвидено да траат два месеца. Изведувач е Друштвото за промет, производство, транспорт и услуги „МАКАУС“. Инвеститор на целиот проект е Министерството за култура на Република Македонија- се вели во соопштението НУ Национална галерија на Македонија.
Објектот е ставен под заштита со Решение од 1957 година издадено од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и Решение од 1967 година издадено од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.
Амамот е граден во втората половина на 15. век, како завештание на Иса-бег со површина од 1056 метри квадратни. Првпат се споменува во вакуфнамата на Иса-бегова џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна во 2000 година амамот е обновен и и е доделен на користење на Уметничката галерија Скопје во функција на мултимедијален изложбен простор.
Амамот името го добил од турскиот збор „чифт“ (турски: çift; со значење „парен, двоен“), поради тоа што неговата градба спаѓа во групата на двојни амами и се состои од два безмалку идентични делови со одвоени влезови за мажи и жени. Во чест на наредбодавачот за негова изградба, Иса-бег, познат е и под името „Иса-бегов амам“, додека познатиот патеписец Евлија Челебија во своите записи го нарекува „нов амам“.
Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, којашто денес не може да дојде до израз, бидејќи амамот, речиси, целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба, особено, се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување.
Граден е во ист стил како и другите исламски градби од тоа време со користење на камен, тули и малтер. Во него доминираат две големи куполи и повеќе помали кои ги засводуваат бројните соби. За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во Чифте амамот се спојуваат во делот за капење.