Почнаа градежните зафати за реконструкцијата на дел од улицата Даскал Камче во Карпош 1, а вкупната инвестиција за санација на коловозот е во вредност од 539.609 денари. Изведувач на градежните работи е фирмата „Битем“ од Скопје.
Како што информираат од општината Карпош, се асфалтираа коловозот на оваа улица во должина од 100 метри, а во изминатиов период се реконструираа повеќе улици. Во соработка со ЈП „Улици и патишта“, се асфалтира улицата Јуриј Гагарин 6 во Козле, а се направи и пристапниот пат за комплексот згради Порта Козле. Исто така, инфраструктурно се поврза и улицата Прашка со булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Тафталиџе.
– До крајот на годината целосно ќе биде реконструирана Даскал Камче, а ќе започнеме и со санирање на улицата Бранислав Нушиќ во населбата Карпош 2. Примарната цел на локалната самоуправа е да имаме побeзбедни улици за движење на сите учесници во сообраќајот – вели градоначалникот Стефан Богоев.
Од општината најавуваат дека во претстојниот период, во овој дел на Карпош 1, ќе биде реконструирана и улицата Гиго Михајловски.
Многу наскоро, општината ќе иницира и воведување „зона 30“ низ повеќе сервисни улици во Карпош. Тоа, практично, значи ограничување на брзината при возењето автомобили и мотоцикли до 30 километри на час, со што ќе се зголеми и безбедноста за движење на пешаците, особено покрај основните училишта и градинките.