Започнуваме со голема инспекциска акција со која ќе бидат отстранети вкупно 18 нелегално изградени објекти на територијата на општината. Апелирам, инвеститорите и сопствениците на нелегално изградените објекти да постапат по издадените решенија за отстранување. Доколку не го сторат тоа, Општината присилно ќе ги отстрани објектите и трошоците ќе паднат на товар на сопствениците и инвеститорите, напиша Богдановиќ
Владеењето на правото да се практикува бескомпромисно и на ниво на локалната власт
Нелегалното поставување привремени објекти, тераси, киосци е еден од најголемите проблеми на локалните власти. Граѓаните бесправно узурпираат јавни површини заради остварување личен профит, без да побараат дозвола за поставување на објектите од страна на општинските власти. Овој проблем, за жал, не само што узурпира јавни површини туку и уништува паркови и зелени пространства и има сериозни импликации, бидејќи нивната несериозност или, подобро речено, самобендисаност при поставувањето на објектите, предизвикува гнев и револт кај граѓаните, особено кај оние што по легален пат се обидуваат да добијат некаква дозвола. На тој начин се губи довербата во институциите по правилото „штом гради, нивни човек е“, па поради тоа сѐ поголеми се апатијата кај граѓаните и недовербата кон општинските институции, но и воопшто кон целиот систем.
ЌЕ СЕ ОТСТРАНАТ 18 ОБЈЕКТИ
Надлежните од Општина Центар одлучија да му стават крај на самоволието на ваквите узурпатори, кои државното земјиште си го присвоиле, па на истото тоа или поставиле одреден објект или го оградиле попречувајќи ги нормалното движење и користењето од населението.
Неодамна, градоначалникот на Општината, Саша Богдановиќ, на својот официјален фејсбук-профил ја објави војната со дивоградителите во Центар.
– Започнуваме со голема инспекциска акција со која ќе бидат отстранети вкупно 18 нелегално изградени објекти на територијата на општината. Апелирам, инвеститорите и сопствениците на нелегално изградените објекти да постапат по издадените решенија за отстранување. Доколку не го сторат тоа, Општината присилно ќе ги отстрани објектите и трошоците ќе паднат на товар на сопствениците и инвеститорите – напиша Богдановиќ.
Од Општината, пак, информираат дека акцијата се спроведува од страна на Секторот за инспекциски работи на Општината, но нагласуваат дека повеќе детали не можат да дадат, заради успешно завршување на акцијата.
Досега се отстранети неколку нелегално изградени објекти на територијата на општината.
Секторот за инспекциски работи на Општина Центар отстрани и пет трафики спроти поранешна Градска болница.
Објектите беа отстранети со градежна механизација, а трошоците за нивното отстранување ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на објектите.
– Станува збор за пет привремени објекти, четири киосци и една трафика, лоцирани на улицата 11 Октомври, на автобуската станица кај Зелен пазар, кои не поседуваат решенија за поставување привремен објект. Откако инвеститорите, односно сопствениците на привремено поставените објекти не постапиле по решенијата издадени од Секторот за инспекциски работи и сами не ги отстраниле објектите, Општината пристапи кон административно присилно извршување, односно уривање и отстранување на објектите – информираа од Општината.
Оттаму додаваат дека акцијата на Секторот за инспекциски работи за отстранување на нелегално поставените и изградени објекти ќе продолжи и во наредниот период, со која ќе бидат опфатени вкупно 18 објекти што не поседуваат соодветна документација за истите тие.
Отстранета беше уште една трафика исто така на улицата 11 Октомври, но овој пат во близината на Црвениот крст. Инспекцијата срушила и две гаражи во населбата Дебар Маало, кои не поседувале соодветни решенија за поставување.
– На улицата Васил Ѓоргов се отстранети и 11 паркинг-блокатори, поставени без соодветна документација – напиша Богдановиќ на Фејсбук.
Акцијата започна минатата недела, со отстранување на два нелегално изградени објекти на Водњанска.
ГРАЃАНИТЕ СО УВЕРУВАЊЕ ДЕКА ПРАВНАТА ДРЖАВА ЌЕ ПРОФУНКЦИОНИРА И НА НИВО НА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА
Самоволието мора да запре. Ова е најчестиот став на центарци по однос на акцијата што неодамна почна да се спроведува. Велат дека конечно мора да се воведе ред, за граѓаните конечно да научат да ги почитуваат правилата.
– Не може кој каде сака да си става трафика, дуќан, тераса, гаража, па и блокатор за паркирање. Сѐ треба да си има свој ред. Ако сите си ставаме сѐ што ќе посакаме, на што ќе ни личи општината? Само на овој начин ќе се научиме на ред и на почитување на законите – вели Лидија Михајловска, жителка на Центар.
Според Борис Трајковски, пак, голем е бројот на нелегално поставени објекти, кои со години никој не ги турнал.
– Децении се во прашање. Со децении некои објекти работат бесправно на државно земјиште. Без никаква дозвола. Ако можам јас да плаќам кирија за да работам и да си го печалам лебот, може и секој друг. Сите знаеме дека е најлесно да си го фатиш првото место што ти се допаѓа и таму да си создадеш бизнис. Но не е толку едноставно. Си има правила и закони што треба да важат еднакво за сите и за секого. Ја поздравувам оваа акција со која конечно ќе се воведат ред и дисциплина. Па ако не им пречи на дивоградителите од свој џеб да фрлаат пари наместо легално да си откупат место или дуќан, нека поставуваат пак каде што ќе им текне – вели тој.