Нови украсни дрвја од видот јапонски цреши ќе го красат центарот на градот. Позната како улица на јапонските цреши, улицата Максим Горки во петокот остана без дел од дрворедот од јапонски цреши, а надлежните информираа дека дрвјата се отстранети бидејќи биле стари и болни. Но од општината Центар најавија дека на нивно место уште денеска ќе бидат засадени нови 18 висококвалитетни дрва од истиот вид. Новите украсни дрвја се примени како донација од вработените во претставништвото на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје.
– ЈП „Паркови и зеленило“ на наше барање во четвртокот и во петокот изврши интервенција на дрворедот на улицата Максим Горки. Се работи за отстранување на стари и болни дрва од видот јапонска цреша. Јапонската цреша е дрво по кое е и самата улица Максим Горки препознатлива и карактеристична – велат од општината Центар.
Скопјани очекуваат дека новите дрвја ќе бидат засадени уште денеска и оти напролет (во периодот април-мај) кога цветаат јапонските цреши, повторно ќе ја красат улицата Максим Горки.