Од Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет изјавуваат дека како земја многу доцниме во однос на европските регулативи за пристапност. Се градат многу објекти без коси рампи преку кои може да минува инвалидска количка
Лицата со инвалидитет сѐ уште се судираат со превозни пречки и немаат пристапност во голем број објекти и институции во градов. Иако законска рамка има, многу од изградените згради се непристапни за нив. Како што велат и самите, за пристапност не се користат само косите рампи, туку и платформите, ѕидните платформи за подигање, држачите, лифтовите и адаптираните тоалети. Нивните искуства покажуваат дека сите рампи од веќе изградените не се вистински приоди и преку нив не можат да се качат оние со физички хендикеп. Нестандардно се изградени, а вистинскиот сооднос на косите рампи е 1:12 или идеалниот сооднос е 1:20. Тоа значи дека ако треба да премостат висина од 50 сантиметри, потребна е рампа со косина од 10 метри, односно вистинската пресметка се добива откако висината ќе се помножи со 20.
Во спротивно, доколку не се почитуваат овие стандарди, лицата со инвалидски колички не ќе можат да се искачат без нечија помош. Не смее да се заборави дека косите рампи мора да имаат и држачи за да можат луѓето при искачувањето да си помагаат и со рацете. Од Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет, велат дека во многу ситуации им се случувало откако ќе влезат преку изградената коса рампа во објект потоа да не можат да се качат во погорните катови, затоа што немало лифт. Токму затоа, пристапноста ја сочинуваат многу елементи. На отворен семафор не можат да поминат од едната на другата страна на улицата, затоа што пречка им се рабниците на тротоарите. Се жалат и на недоволен број паркинг-места, па дури и на недоволен простор, кој нивните сограѓани им го оставаат на паркиралиштата поради што не можат со количка да излезат од своето возило. Пристапноста ги исклучува овие лица дури и од повеќето образовни и културни институции.
– Многу доцниме во однос на европските регулативи кога е во прашање пристапноста. Кај нас работите бавно се менуваат, позабележително е тоа во главниот град отколку во другите градови во земјава. За жал, се градат многу објекти без пристапност, без коси рампи, со тесни врати на тоалетите, преку кои не може да влезе инвалидска количка, а најчесто и тоалетите се несоодветни за лица со хендикеп и не можат да се користат. А пристапноста е важна во секој објект, не само за нас. На пример, треба да влезат и мајки со колички за бебиња и за близнаци, стари лица со бастунчиња. Во 2011 година Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со телесен инвалидитет и таа содржи најмногу елементи во врска со пристапноста. Знаеме дека никој нема волшебно стапче сите тие да се исполнат прекуноќ, но со години зборуваме за истото и работите едвај се придвижуваат.
Формиравме координативно тело, кое треба да го следи спроведувањето на мерките од оваа конвенција. Динамиката е навистина бавна. На пример, отежната ни е пристапноста и во автобусите на ЈСП. Претпријатието има пет комбиња и доколку сакаме превоз треба да го закажеме од денеска за утре. Адаптирани автобуси нема ниту во другите градови, единствено Прилеп сега набави четири автобуси за лицата со инвалидитет. Исто така, ниту еден меѓуградски автобус нема рампа, а Законот за јавен превоз ни дозволува шест бесплатни патувања, кои не можеме да ги искористиме – објаснува Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет.
Од оваа организација додаваат дека во фаза е донесување нов закон за градба, за кој дале доста сугестии во контекст на нивните потреби за пристапност. Но што од сето тоа ќе прифати законодавецот, сѐ уште не знаат.
Колку од објектите во градов имаат, а колку немаат пристап, односно коси рампи, прашавме во Министерството за транспорт и врски од каде што добивме краток одговор дека министерството не води таква евиденција
– Во согласност со членот 11 од Законот за градење и Правилникот за начинот на обезбедување на непречен пристап на лица со инвалидност до и во градбите, објавен во „Службен весник“ бр. 25/2010, се пропишува задолжително поставување коси рампи за обезбедување непречена пристапност до и во објектот за лицата со инвалидност. Во согласност со Законот за градење објавен во „Службен весник“ бр. 25/2010 и Правилникот за начинот на обезбедување на непречен пристап на лица со инвалидност до и во градбите, градбите со јавни и деловни намени, станбените и деловно-станбените градби мора да бидат проектирани и изградени така што ќе овозможат непречен пристап за лицата со инвалидитет до и во градбите. Во однос на стандардите пропишани во правилникот, во согласност со член 10, дозволено е накосување до 1:20, односно пет отсто – информираа од Министерството за транспорт и врски.
Според тоа какви се состојбите во моментов, може да се заклучи дека надлежните треба уште многу да поработат за да им се обезбеди вистинска пристапноста во објектите на овие наши сограѓани.
Непристапни образовни, но и здравствени објекти
Лицата со телесен инвалидитет најчесто имаат пречки при движењето во своите домови, потоа во приватните клиники и аптеките, кои мора да имаат приспособени коси рампи.
– Неприспособени се исто така постарите трговски центри во населбите во Скопје, на пример ТЦ „Скопјанка“ има коса рампа, како скокалница. За неа попусто се потрошени пари. Проблем за лицата со телесен инвалидитет се и основните и средните училишта, со исклучок на средните стручни училишта „Арсение Јовков“, „Здравко Цветковски“ и „Михајло Пупин“. Другите училишта имаат рампа, но лицата со инвалидски колички немаат како да се искачат понатаму. Неодамна беше пуштен еден лифт во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во општината Аеродром. Од друга страна, пак, за овие лица непристапни и несоодветно адаптирани се тоалетите, во кои исто така имаат потреба да влезат – нагласуваат од Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет.