Фото: Дарко Андоновски

Македонија има собран амбалажен отпад од 20 до 25 проценти на годишно ниво. Европските регулативи наложуваат до 2020 година минималното ниво за собран амбалажен отпад да изнесува 60 проценти, што мора да го постигне се постигне и во нашата држава

За разлика од нашето општество, кое е далеку поназад во однос на користењето еколошки пристапи за отпадот, во другите развиени земји се борат против загадувањето и преку развиени зелени политики меѓу кои спаѓаат селекцијата и рециклажата на отпадот. Впрочем, Европската Унија има донесено регулатива, со која им наложува на своите земји-членки до 2020 година да имаат собрано 60 отсто од нивниот вкупен амбалажен отпад. Доколку нашата земја сака да се приклучи кон оваа група земји, а наедно да направи и чекор кон зачувување на животната средина, потребно е да преземе дел од овие зелени политики. Добар почеток би било воведувањето селекција и рециклирање на отпадот.

Поимот рециклажа е тесно поврзан со поимот селекција и реупотреба. Селекцијата е фаза пред рециклирањето, најпрво треба да се селектира отпадот од пакување за да има што потоа да се рециклира. Истражувањата покажуваат дека, генерално, населението во Македонија сака да селектира отпад од пакување, но исто така во реалноста може да се види дека сѐ уште сме далеку од европските стандарди.

– Нашите истражувања покажуваат дека 50-60 отсто од населението би го селектирале отпадот од пакување доколку имаат услови за тоа. Ова секако не се лоши проценти, но далеку сме од ЕУ-стандардите. Сѐ уште треба да се работи на свеста кај луѓето од една страна и од друга страна да им се создадат услови за да може да го селектираат отпадот од пакување – вели менаџерот за грижа на корисници Ико Брдароски од компанијата „Пакомак“.

Тој додава дека отпадот од пакување е суровина и репроматеријал за добивање нови производи. Штета е да се гори или, пак, да заврши на депонија. А доколку се гори, потребни се капацитети што имаат соодветни услови, филтри, печки за да не се ослободуваат гасови што ќе го загадуваат воздухот. ЕУ-стандардите наложуваат на депонија да завршува само инертен отпад. Исто така, доколку сака Македонија да влезе во Европа до 2020, во согласност со ЕУ-директивите треба да рециклира 60 отсто од амбалажниот отпад. Според Брдароски, ние во моментов сме на некои 20-25 отсто собран амбалажен отпад на годишно ниво (она што го собира „Пакомак“).

И веројатно уште 10-15 отсто е недокументиран, кој го собираат неформалните собирачи, што е исто проблем бидејќи во најголем дел никаде не се евидентира тоа што тие ќе го соберат. Тој додава дека во европските земји стапката на рециклирање е над 60 отсто. ЕУ сега ги зголемува тие проценти и треба да растат во следниве десетина години. Во Белгија, Холандија, Германија стапката на рециклирање е над 80 отсто.
Според последните податоци од „Еуростат“, во Европската Унија постои растечки тренд кога станува збор за рециклажа на амбалажниот отпад. Тој е забележан на различно ниво во сите земји-членки на ЕУ, освен во Хрватска. Пример, во 2017 година, најголема стапка на рециклирање отпад од пластична амбалажа е забележана во Литванија 74 отсто, Бугарија 65 отсто, Словенија 60 отсто, Чешка 59 отсто или еден процент помалку, Словачка 52 отсто и во Холандија 50 отсто. Податоците за Кипар од 2016 година велат дека стапката на рециклирање е 62 отсто.


Децата имаат поразвиена одговорност за селекција и реупотреба на отпадот

Ивица Маринковиќ, попознат во јавноста како Ивце Пивце, кој има долгогодишно и богато искуство во спроведувањето разни видови акции, меѓу кои и акции за селекција на отпад, вели дека децата имаат многу поголемо чувство на одговорност и повеќе се заложуваат за еколошките принципи.

– Според мене и од искуството во едукацијата на децата за селекција на отпад, се покажа дека децата имаат поразвиено чувство за селектирање на отпадот од возрасните. Гледам дека на терен, но и во живо тие навистина го селектираат отпадот.
Во градинките и во училиштата тие многу често знаат да го реупотребуваат пластичното шише во хранилки за птици, кутии за дреболии и моливи. Децата најчесто се главните учесници на креативните конкурси и работилници за реупотреба на пластичните шишиња – објасни Ивица Маринковиќ.