Еден од крокодилите излегол од своето живеалиште во Зоолошката градина во Скопје, но, за среќа, само се избањал во езерцето и потоа бил вратен. Од зоолошката градина велат дека станува збор за крокодилот Гањо, кој е во пубертет и сакал да истражува, па затоа завчераутро го напуштил своето живеалиште. За среќа, веднаш бил забележан од негувателите, па бил вратен во својот дом и немал блиска средба со некој посетител.
– Гањо успеа да прошета само до езерцето блиску до неговото живеалиште и веднаш беше лоциран од зоо-негувателите. За кратко време крокодилот беше вратен во живеалиштето кај својата пријателка Кика. Ова е негова прва и се надеваме последна екскурзија – велат од Зоолошката градина во Скопје.
Слободната прошетка на крокодилот низ Зоолошката градина ги исплаши малку скопјани, но, како што велат и од градината, за среќа, не настанал поголем инцидент, бидејќи набргу крокодилот бил најден во езерото. Откако се избањал таму, бил вратен во своето живеалиште. Објавувањето на веста за бегството на крокодилот на социјалните мрежи ги исплаши граѓаните, а некои се шегуваа дека е можно крокодилот да прошетал и до парк.
Причината за неговото излегување е оштетен дел на ограда од несовесни посетители, а оградата веднаш била поправена и до неа била поставена дополнителна ограда за да се овозможи поголема безбедност.
– Живеалиштето на крокодилите е признаено од европската асоцијација на зоолошки и аквариуми „Еаза“ како едно од најдобрите живеалишта за рептили во Европа. Една од причините за прошетката на крокодилот е и влечење на оградата од несовесни посетители. Затоа уште од утрово започнавме со поставување нови двојни сигурносни огради на живеалиштето – изјави Ѓорѓи Галетановски, директор на Зоолошката градина во Скопје.