Генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација Скопје“, Душко Весковски и изведувачите на проектите извршија увид во текот на работните активности за реконструкција на водоводната мрежа на неколку локации во општина Карпош.
Врз основа на инвестиционата програма и плановите за реконструкција на водоводната мрежа, ЈП „Водовод и канализација Скопје“, пристапи кон изработка на проекти за реконструкција на водоводната мрежа на неколку локации – улица „Џумајска“ во населба Козле, улица „Влае“ и улица „Франц Прешерн“ во Влае и улица „14“, локалитет „Конакот“ во населба Бардовци.
Со изведбата на овие зафати, старите поцинкувани цевки се заменуваат со нови цевки од соодветен материјал и профил, се врши реконструкција на постоечките приклучоци на објектите кои гравитираат околу локациите и се подобрува квалитетот на водоснабдувањето за корисниците.
– ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, во согласност со плановите за работа и инвестиционата програма секојдневно придонесува за подобрување на квалитетот на услугите за корисниците, граѓаните на град Скопје. Денес направивме увид на работните активности за реконструкција на дел од водоводната мрежа во Козле, Влае и Бардовци. Вкупната инвестиција за реконструкција на мрежата во овие делови на град Скопје изнесува околу 22.000.000 денари. Реконструкциите се во завршна фаза, во тек е замената на приклучоците на корисниците и нивно поврзување на новата мрежа, со што ќе се подобри квалитетот на водоснабдувањето – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.