Во Скопје не може да се дефинира колку зеленило има по жител, од причина што нема податок колку жители официјално живеат во него. Со прекумерното и континуирано градење и обликување на урбаните средини настанува губењето на зелените површини. Од овие причини се отежнува процесот на следење и утврдување на фактичката состојба на зелените површини и затоа е потребно создавање катастар на зеленило, кој би овозможил подобар увид на зелените површини.
– Според процените на „Паркови и зеленило“, вкупното зеленило во Скопје денес изнесува 4.511.915 квадратни метри. Овие броеви го бележат новоподигнатото зеленило во градот, но не и зеленилото што исчезнало поради многубројните градби, бидејќи ние како јавно претпријатие немаме соработка со инвеститорите – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.
Тоа значи дека оваа бројка може да се менува и не се знае колку и каде има останато зелени површини низ градот. Во овој момент не може да се даде целосна слика за зелените површини на територијата на градот Скопје. Во јануари годинава се изгласа Законот за урбано зеленило, кој предвидува воведување целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со зеленилото. Дел од тој закон во периодов ги утврдува подзаконските акти, кои го утврдуваат катастарот на зелени површини во градот Скопје.
-Беше формирана работна група за да ја подготват работната верзија на Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, со кој треба да се утврдат формата и содржината на стратегијата, основниот план и годишната оперативна програма, како и формата и содржината на зелениот катастар. Зелениот катастарот ги евидентира сите зелени површини, дрвја, други насади, инфраструктура во функција на зеленилото, ретки, ендемични, реликтни видови, како и капитални примероци од дрвја, кои подлежат на посебна заштита како природно и културно наследство, независно од нивната сопственост, но и придружните содржини на зелените површини (парковски, градинарско-урбанистички и други содржини) и претставува нивна лична карта – велат од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Сѐ уште е во тек изработката на катастарот на зеленило и за него сѐ уште се собираат податоци за бројот и видовите дрвја, грмушки, цвеќе, трева и други садници. Главната цел на зелениот катастар е подобрено управување со зеленилото во градот. Преку него да се дојде до осознавање на вкупноста, разновидноста и здравствената состојба во која се наоѓа зеленилото во дадениот момент, за понатаму да се планираат адекватни средства и мерки за негова заштита, ревитализација и унапредување, како и за подигање нови насади. Според градот Скопје, зелениот катастар предвидува: геодетско снимање на зелените тревни површини и геолоцирање на сите дендролошки единици на јавните зелени површини со имплементација во ГИС-подлоги, евиденција на секој ентитет и внес во база на податоци, преглед на здравствената состојба на зеленилото, детерминација на состојбата, попис на детални атрибути и предлог-мерки за санација, проток на документи за одржување, заштита и подигање на зеленилото помеѓу градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“.
– Измерени се добар дел од зелените површини, сите што се под градот Скопје и блоковското зеленило. Снимени се не само како површини, туку и елементите како дрвја и грмушки се вметнати како точки во него. Во тек е внесувањето атрибутни податоци за точките. Таму треба да се стават разни податоци како, вид, старост и висина на дрвото. На ваков начин би се имало еден целосен преглед на дрвјата на зелените површини. Оваа година во план е да се заврши внесувањето податоци. А понатаму катастарот ќе треба да се стави во функција. Следен чекор е ажурирање на состојбите. Ако се прави нова зелена површина да се внесе. Следниот чекор би бил ажурирање и одржување на базата на податоци, со надеж дека ќе прерасне во систем за управување за одржување на зеленилото во Скопје. Сѐ да оди преку него за да се има точна слика што се случува на теренот. Тешка би била изведбата, но можна – вели Велиан Јагев, шумарски инженер од „Паркови и зеленило“.