Фото: Игор Бансколиев

ЛОКАЦИЈАТА ШТО СЀ УШТЕ БУДИ НОСТАЛГИЧНИ СПОМЕНИ КАЈ СКОПЈАНИ

Да, Општина Центар планира за овој простор да преземе обврски. Чекаме на Советот на Општина Центар да се изгласа деталниот урбанистички план градска четврт З 12 – Парк 1 и дел од Дебар Маало 2, со што ќе се врати во наша сопственост делот кај ресторанот „Езерце“. Откако ќе се врати во наша надлежност, Советот на Општина Центар ќе донесе одлука што ќе се случува со тој простор понатаму, велат од Општина Центар

Градскиот парк е една од најпосетените локации во Скопје. Речиси и да нема период од годината кога нема луѓе во паркот. Преку ден најчесто на прошетки низ него се најмалите деца со родителите и понекој пензионер што излегол да се рекреира и разоноди, додека во попладневните часови паркот го исполнуваат и стари и млади на кои веќе им завршило работното време, па одлучиле во паркот да го поминат слободното време. Сепак, некои локации во паркот воопшто не се за занемарување. Поранешниот објект „Езерце“ сѐ уште стои руиниран на почетокот на Градскиот парк, без никакви изгледи дека ќе добие нов лик.

ЃУБРЕ И РЕА

Објектот „Езерце“ на самиот почеток на Градскиот парк повеќе од десет години стои руиниран и разрушен. Целиот е ишаран со графити и разни други чкртаници, околу него честопати може да се видат разни отпадоци, а однатре, пак, неконтролирано се шири реа.

Иако надлежните се обидуваат постојано да го исчистат ѓубрето за оваа локација да биде чиста и средена, сепак, самото присуство на рушевината од некогашниот ресторан е доволна за да ја нагрди целокупната слика на паркот.

Граѓаните што се редовни посетители на паркот велат дека голем проблем е во летниот период, бидејќи оваа локација најчесто се користи како јавен тоалет, па однатре, во овие топли денови, неконтролирано се шири реа на урина, која се чувствува околу објектот.
– Редовно шетам со своите деца тука. Го обожаваат езерото во близината на поранешниот објект „Езерце“, меѓутоа во овие топли денови понекогаш смрдеата не се трпи. Покрај тоа што ѓубре ретко кога може да се види бидејќи навистина надлежните постојано го собираат, сепак внатре и не е толку чисто. Деца како деца, не можеш да им објасниш зошто не смеат да влезат, а тие сепак сакаат, интересно им е да играат таму. Да е чисто секако дека ќе ги пуштам, но неконтролираниот мирис на урина едноставно е неподнослив и затоа и ја избегнувам оваа локација – вели Фросина Димовска.

ОПШТИНА ЦЕНТАР ЧЕКА ДА ГО ЗЕМЕ ОБЈЕКТОТ ВО СВОЈА СОПСТВЕНОСТ

Локацијата на поранешниот ресторан со години стои во оваа состојба. Од Општина Центар, во чија надлежност е оваа локација, велат дека планираат да преземат одредени активности поврзани со овој објект, за конечно локацијата да биде средена и уредена. Сепак, оттаму не знаат што точно ќе биде локацијата.
– Да, Општина Центар планира за овој простор да преземе обврски. Чекаме на Советот на Општина Центар да се изгласа деталниот урбанистички план градска четврт З 12 – Парк 1 и дел од Дебар Маало 2, со што ќе се врати во наша сопственост делот кај ресторанот „Езерце“. Откако ќе се врати во наша надлежност, Советот на Општина Центар ќе донесе одлука што ќе се случува со тој простор понатаму – велат од Општина Центар.

Објектот „Езерце“ е една од локациите што буди убави спомени кај жителите на главниот град, бидејќи објектот е дел од срцето на некогашно старо Скопје. Постои уште од 1949 година, а тука старите скопјани го паметат забавниот парк, како и железничката станица по која возел популарниот воз „Ќиро“. Објектот бил билетарница од каде што се купувале билетите за забавниот парк. Потоа објектот прераснува во ресторан, кој функционираше до пред повеќе од десет години.
За локацијата, Општина Центар во 2014 година распиша конкурс за изработка на архитектонско-урбанистички проект со идејно решение што требаше конечно да стави крај на запуштениот и руиниран објект, но ништо не произлезе од тие напори. Објектот и ден-денес сѐ уште стои подзаборавен во срцето на Градскиот парк.