Во склоп на Европската недела на движењето што се одржува од 16-ти до 22-ри септември, спортскиот оддел при Детскиот културен центар „Карпош“ во соработка и поддржано од Град Скопје ќе ја организира манифестација под мотото „Движи се за здравје“.
– Целта на оваа манифестација е да се потсети дека вежбањето е забавно. Тоа може повторно да биде така доколку ни се придружите на нас и на милион останати низ Европа на „Недела за движење“. Низ целата недела на движењето ќе ја откриете чистата забава во трчањето, скокањето, качувањето и танцувањето додека сите сме активни заедно.
Манифестацијата е од забавно рекреативен карактер и подразбира вежби за подобрување на моторичкиот развој кај децата од рана предучилишна возраст. Од секоја градинка од Скопје и околината ќе учествуваат по пет момчиња и пет девојчиња од најголемата група, а на манифестацијата ќе има вежби и со велосипед или тротинет.
Манифестацијата ќе се одржи по петти пат на 17.09.2019 год.(вторник) со почеток во 10.00 часот на платото пред фонтаната Лотос во градскиот парк.