Кејот од страна на Гази Баба е морничаво место и на дневна светлина, а не пак штом ќе падне мрак - Фото: Маја Јаневска-Илиева

На десниот брег по текот на Вардар, од страната на општината Аеродром, граѓаните може да шетаат, да пешачат, да џогираат, да возат велосипеди дури до Градскиот парк и хотелот „Александар палас“ и назад. Но таа привилегија со децении ја немаат оние од левата страна на реката, од страна на општината Гази Баба. Имаат ли надлежните решение?

Парковите и кејот на Вардар се најблиските рекреативни места за прошетка, починка и рекреација на скопјани. Голем дел граѓани навистина сакаат да излезат и наутро да прошетаат на кејот, да трчаат по патеките или едноставно да седат на клупите, со поглед вперен во текот на реката. Сите овие поволности го опфаќаат речиси целиот скопски кеј, но тоа никако не може да се рече за дел од кејот на Вардар од страната на општината Гази Баба. Станува збор за делот по Македонската телевизија, надолу кон Ќерамидница и понатаму.

Не само што кејот е запуштен и неуреден туку тој сосема е неупотреблив за пешаци и за рекреативци. Посебен проблем се вечерните часови, затоа што целата локација е темна, неосветлена. Нема да се претера ако се рече дека местото е морничаво за поминување и на дневна светлина, а не пак штом ќе падне мрак. Ако од спротивната страна на кејот, во делот на општината Аеродром, во вечерните часови напролет и налето е вистинска врвулица од луѓе, од другата страна е вистинско мртвило и нема никакво движење. На десниот брег по текот на Вардар тамошните жители може и да шетаат, да пешачат, да џогираат, да возат велосипеди дури и до Градскиот парк и хотелот „Александар палас“ и назад. Но таа привилегија одамна ја немаат оние од левата страна на реката.

Дури и старите маџирмаалци одамна го користеле кејот на Вардар за вечерни прошетки и дружби. Голем дел граѓани се прашуваат зошто таква можност да немаат и оние што живеат од страната на општината Гази Баба, од старото мало Крњево, близу универзитетскиот кампус „Кирил и Методиј“, оние од Ќерамидница, жителите од населбата Автокоманда и другите места од оваа скопска општина. Кога е во прашање оваа страна на кејот на Вардар, не може да не се спомене и разликата што постои на левиот и десниот брег, и тоа оној дел од објектот на ЈП „Водовод и канализација“, па во продолжение дури и до хотелот „Александар палас“. И тука има огромна разлика, бидејќи делот од страната на Градскиот парк е уреден, со кафулиња, урбана опрема и чист, за разлика од спротивната страна, која ниту е чиста, ниту уредена, ниту пак е жива ни преку ден, а уште помалку пак во вечерните часови.

Разликата на двата дела е како ноќ и ден. А никој досега не се погрижи да го уреди и шеталиштето од оваа страна на Вардар да стане пофункционално, попривлечно и поживо, особено сега, во летниот период, кога шетањето покрај реката може да носи освежување во жешките и спарни летни денови.

– Честопати шетам по кејот на Вардар од страната на општината Аеродром, бидејќи живеам во истоимената населба и постојано погледот ми е вперен во другата страна на брегот, кој е темен, неосветлен и изгледа дури морничаво. До шеталиштето само на места едвај стига светлината од канделабрите од улицата кај пасошкото одделение на МВР. Секогаш си велам зошто никој досега не се потруди да го уреди и тој дел на кејот, да можат граѓаните да го користат, да спортуваат и максимално да ја користат и пешачката патека за прошетка, за возење велосипед покрај реката – вели жителка на Аеродром

Кејот на Вардар од страната на општината Гази Баба е неуреден цели две децении и никој од претходните градоначалници не се ни обиде да направи што било просторот да се доведе во ред, да се култивира, за да стане корисен за граѓаните. Има ли план да се стори нешто?

– Општина Гази Баба подготвува план што се однесува на пешачка и велосипедска патека долга осум километри, по должината на реката Вардар. Тоа значи дека овој дел од кејот конечно по 20 години ќе биде целосно уреден и осветлен, за граѓаните да можат да уживаат и на другата страна на Вардар, со ангажман на Општина Гази Баба и Град Скопје, кој исто така е надлежен за овој простор. Средства за оваа намена се обезбедени и во буџетот на општината за оваа година, што значи дека наскоро ќе почне и реализацијата на овој проект. Свесни сме дека овој дел од градот, кој сите претходници го забораваа, предизвикува незадоволство кај жителите, затоа сега целосно ќе го оспособиме, за да можат граѓаните да се рекреираат од еден до друг крај на градот. Почетокот на овој проект, кој е еден од приоритетите на Општина Гази Баба, беше планиран пред неколку месеци, но поради состојбата со коронавирусот се одложи – појаснуваат од Општина Гази Баба.


Има ли план да се уреди кејот на Вардар кај Ќерамидница?

Зошто делот на кејот на реката Вардар во делот од страната на општината Гази Баба е темен и неосветлен и како шеталиште е запоставен ги прашавме и во градот. Неуреден е и делот од кејот на Вардар кај населбата Ќерамидница и се поставува прашање дали тој ќе добие нов лик со изградбата на мостот. Од градот најавија дека просторот ќе се врати во првобитната состојба.

– Во моментов во тек се градежните работи од втората фаза од проектот за изградба на булеварот АСНОМ. Со оваа фаза се врши продолжување на делницата од крстосницата со улицата Васко Карангелески (кај хотелот „Русија“) до кејот на реката Вардар, како и изградба на мост. Поради изградбата на мостот, во моментов е ограден и блокиран дел од кејот на реката Вардар и оваа состојба ќе биде присутна додека траат градежните работи. По изградбата на мостот, кејот на реката Вардар ќе се врати во првобитната состојба – велат од Град Скопје.

Оттаму појаснуваат дека работат во согласност со програмите и не дискриминираат врз основа на вера, пол, раса или локација.
– Ние и нашите јавни претпријатија работиме во согласност со работните програми, а конкретно за кејот на реката Вардар, нашите претпријатија еднакво ги третираат и двете страни на кејот, што е евидентно од нивните секојдневни активности. Токму левата страна на кејот беше фокус на инвестициите изминативе години, каде што целосно е извршена изградба на поврзување на ролерско-велосипедските патеки од Гази Баба до влевањето на Лепенец во Вардар, во Злокуќани – појаснуваат градските власти.

Притоа додаваат дека ново осветлување е поставено на целиот потег и веројатно станува збор за некаков дефект, за што ќе ги информираат службите.
Од Општина Гази Баба, пак, велат дека велосипедската и пешачката патека, планирано да се гради покрај кејот на Вардар, со должина од осум километри, ќе почнува од салонот за автомобили „Мерцедес“, кој се наоѓа спроти високообразовната установа ФОН, до населеното место Јурумлери. За реонот кај Ќерамидница велат дека е надлежен градот.