Фото: Дарко Андоновски

Во летниот период дел од станарите на некои згради има проблеми со гулабите што се населуваат во поткровјата. Орнитолозите велат дека на гулабите честа цел им се таваните и покривите на зградите затоа што претставуваат сигурно место за чување на нивните младенчиња. Од тие причини тие често во летниот период се вгнездуваат и живеат таму. Во тој стадиум на живеењето тие создаваат измет, кој на топлото време шири непријатна миризба, а со овој проблем дезинсекциските служби не сакаат да се справуваат. Граѓаните, освен тоа што не ги сакаат бучавата и непријатната миризба од гулабите, се плашат тие да не пренесуваат и некакви болести.

Станарите се жалат дека од гулабите што живеат во таваните на нивните згради не можат на мира да си го живеат животот. Не можат да си насадат некакво растение затоа што често знаат да го изедат посеаното семе. Исто така често знаат храбро да влезат во домовите и да се хранат доколку има некаква храна. Во некои случаи дури тешко е да се избркаат надвор од домот.

– Гулабите се птици што се адаптирани на живот во урбани и во рурални населби поради две причини: историската врска со човекот и постојаниот извор на храна во овие средини. Историски човекот ги чува и ги користи гулабите за неколку потреби (за пренесување пораки, за натпревари со птици и порано за храна), што неминовно креира адаптивни карактеристики во однесувањето на гулабите, т.е. да се однесуваат опуштено околу луѓето. Исто така има многумина што чуваат питоми гулаби, од љубов кон нив или од хоби. Овој начин на однесување на птиците околу луѓето се воочливи и за други видови птици – чавки, врани, врапчиња или гугутки – вели Данка Узунова од Македонското еколошко друштво.

– Имаме проблем со гулабите што трае околу четири-пет години. Гулабите ги запоседнуваат сите празнини во поткровјето. Влегуваат низ нив и ги изведуваат своите млади во сите можни достапни места за нив. Постојано слушаме звуци од нив. Ние станарите за да се справиме со нив поставивме мрежи па и дури лимени плочи за да ги затвориме отворите. Но еве и да го решиме проблемот со вгнездување ние веќе имаме проблем со измет, кој постојано мириса особено во летниот период. А исто така поткровните места не се толку пристапни за да се исчисти. Претпријатијата за дезинсекција вообичаено не се нафаќаат да го исчистат изметот од птиците – вели Симона Василевска.

Дезинсекциските служби им велат на граѓаните да си земат звучни апарати со кои би ги бркале птиците од околината. Им ги посочуваат оние уреди што ги има во близината на Камени мост и централното подрачје. Во Центар пред повеќе од шест години се инсталирани неколку звучни уреди чија цел е да ги бркаат птиците од поставените споменици. Од градот Скопје велат дека овие уреди се поставени од општината Центар. Но при комуникација со општината, оттаму велат дека тие уреди се поставени како дел од проектот „Скопје 2014“ и од тие причини не знаат колку пари чинат и каде можат да се набават. Вакви уреди во нашето поднебје е потешко да се набават. Направеното мало истражување покажа дека постојат мал број фирми што ги поседуваат, а уредите чинат околу 5.000 денари.


Гулабите можат да пренесуваат и болести

Во другите земји и градови, како Венеција на пример, има илјадници гулаби и можете да забележите големо количество измет по зградите со историска и културна вредност. Во Минхен долго време постои забрана за хранење на овие птици. Градските власти се безмилосни во борба со птиците и нивното размножување, поставуваат плехови со боцки за да не можат да застанат гулабите, звучни апарати и разни други средства. Но освен естетскиот аспект, има е здравствен аспект зошто градските власти во светот се борат со контрола на гулабите. Во Шкотска пред шест месеци две лица починале бидејќи се заразиле од измет од гулаби.

Во 2005 година научниците во голем број студии докажаа дека гулабите можат да пренесуваат болест слична на птичјиот грип. Според експертите, кои ги проучуваат во детали сите аспект на животот на птиците, најопасниот по здравјето на луѓето се вирусните заболувања енцефалитис, туберкулоза, пситакоза, еризипел, салмонелоза, туларемија, токсоплазмоза. Но, за среќа, овие заболувања кај нас не се застапени. Биологот Јасминка ван дер Филер вели дека нема потреба од грижа кај граѓаните затоа што кај нас досега нема податок за какво било заболување што се пренесува преку птиците.

– Зоонозите се инфекции и заболувања од животни, кои можат да се пренесат на луѓето. Нивната појава се објаснува со биолошката конекција на човекот и животните и контактот меѓу нив. Без лабораториски испитувања, дијагнозата тешко се воспоставува. Човек може да се зарази со угриз, гребаница, контакт со секрети, со измет или урина ако има влезна рана.

Во Македонија секое место, град или село има гулаби. Во моето досегашно работно искуство не сум воспоставила клиничка слика од гулаби како преносители. Скоро секоја куќа и зграда, во секое поткровје има гулаби, има доста измет од нив за кој треба да водат сметка фирмите што управуваат како правни лица, со станбените објекти или физичките лица за своите куќи. Само механичко чистење е доволно и нема да има никаква опасност по здравјето на човекот – вели докторката по ветеринарна медицина Јасминка ван дер Флиер.