Градот Скопје објави јавен повик за субвенционирање занаетчии во градот Скопје за набавка на потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање за 2020 година.
Средствата со кои Градот Скопје ќе ги субвенционира занаетчиите за набавка на потребни алати и репроматеријали се во износ од 80 отсто од нивната вредност, но не повеќе од 50.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Субвенциите важат и за алат и за репроматеријал набавен од 1.1.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 15.12.2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година. Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени милион денари. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање субвенција.
Право на учество на јавниот повик имаат:
– Занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од други извори;
– Занаетчиите кои се регистрирани согласно со Законот за вршење занаетчиска дејност и обавуваат занаетчиски дејности во изумирање, кои согласно со обработените податоци бележат намалување на активноста во континуитет, се следните занаети: јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, производство на музички инструменти и самарџија);
– Регистрирани занаетчии кои имаат сопствен дуќан или под закуп лоциран во град Скопје, кои при поднесување на барање до Град Скопје за субвенции за набавка на потребни алати и репроматеријали на занаетчиите на подрачјето во градот Скопје за 2020 година, занаетчиите ќе поднесат фактура или фискална сметка за набавените алати и репроматеријали;
– Намирени обврски кон државата и вработените;
– Започнале со работење најмалку 1 (една) година пред објавувањето на јавниот повик (регистрација/упис во Регистарот на занаетчии).
Потребни документи за пријавување:
– Пополнетo барање (може да симне од веб-страницата на Град Скопје);
– Решение за упис во Регистар на занаетчии, занаетчиска дозвола;
– Тековна состојба од Централниот регистар на РСМ не постарa од 6 месеци;
– Уверение за платени даноци и придонеси од Управата за јавни приходи на РСМ, не постаро од 3 (три) месеци;
– Подмирени обврски кон Град Скопје (комунална такса – фирмарина и данок на имот). Проверка ќе се врши по службен пат во Град Скопје;
– Изјава од барателот дека досега не користел средства од други извори за ниту една од намените;
– Оригинал фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум во период од 1.1-15.12.2020 година;
Барањето за субвенција заедно со комплетна документација треба да се достави во затворен плик преку Архивата на Град Скопје на адреса: Град Скопје, Сектор за локален економски развој, бул. „Илинден“ бр.82, 1000 Скопје (со назнака – Пријава за јавен повик за субвенционирање на занаетчии за набавка на потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање во градот Скопје), најдоцна до 15.12.2020 година.
Барањето може да се достави и по електронска пошта, со што комплетната документација наведена во барањето, треба да се достави скенирана на е-mail адресата: „[email protected]“.