По серијата владини препораки за превенција од коронавирусот, со кои беше наложено и затворање на училиштата и градинките „Нова Македонија“ вчера во утринските часови направи обиколка низ градот за да увиди какви се состојбите на терен. Нашата екипа констатира забавено и намалено темпо на движење и една поинаква слика во градот, во кој е видливо чувството на страв од ширење на вирусот
„Нова Македонија“, по објавените владини мерки поврзани со актуелната состојба со коронавирусот, направи сондажа низ градот и вчераутро регистрираше намален сообраќај по градските улици. Вчера ја немаше вообичаената слика на скопскиот метеж и градот некако поинаку пулсираше.
Скопје од вчера живее поинаков живот. По преземените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот жителите на Скопје во најголем дел ги сфатија сериозно и ги почитуваат. Забележлив е намалениот број возила на улиците, како и движењето на граѓаните. Поголема раздвиженост може да се види во супермаркетите и малите продавници во кои многумина купуваат храна. Но во поголемите маркети повторно имаше празни рафтови или многу малку намирници на полиците за тестенини, брашно шеќер, конзерви. Кај граѓаните постои страв, но нема паника, како во големи градови во некои земји.
Од вчера во градот се преземени и нови мерки со кои се опфатени голем број скопјани. Така, на пример, автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимски, односно летен училиштен распуст.
Привремено нема да важи и одлуката за вообичаениот бесплатен превоз во вторник, петок, сабота и недела за возрасни лица (жени со 62 год, мажи со 64 год). Истото важи и за годишните билети за студенти и средношколци. Поконкретно, нема да важат годишните или месечните билети. Треба да се нагласи дека во тие рамки ќе се наплатува и возењето со жичницата на Водно, услуга што беше бесплатна за пензионери и тоа секојдневно во текот на целата година. Од ЈСП наведуваат дека одлуката е привремена, ќе важи во наредните две недели, до наредните препораки.
– Редуцираниот возен ред е во согласност со актуелната состојба со коронавирусот, намалениот број корисници на јавниот превоз и препораките за превенција од ширење на вирусот – истакнуваат од ЈСП.
Од претпријатието апелираат до граѓаните за рационално користење на јавниот превоз.
По објавените владини мерки поврзани со актуелната состојба со коронавирусот, репортери на ‚‚Нова Македонија“ направија прошетка низ градот. Вчераутро го немаше вообичаениот метеж на сообраќајниците, бројот на возилата беше видливо намален. Градските автобуси беа полупразни и имаше помалку возрасни лица, по препораката да избегнуваат да го користат јавниот превоз. Вчерашната слика во Скопје потсетуваше на онаа кога учениците се на зимски распуст. Од коронавирусот како да не се исплашени младите. Многумина својата кафе-пауза ја користеа по кафулињата на улицата Македонија, а други пак ги посетуваа трговските центри. Во продавниците за бели печива се купуваше нешто за појадок.
– На враќање од работа завчера поминав да испазарам и не можев да се изначудам како некои луѓе тргнале по толку многу набавки како да утре ќе го снема светот. Не можев да чекам во редот поради тоа што имаа толку многу производи на каса, набавуваа дури и резерви тоалетна хартија. Никој не треба да паничи и нема потреба да се создава ваква паника – вели повозрасен скопјанец.
Владините препораки од вчера ги применија и некои од претпријатијата и градски институции, кои нема да работат со странки. ЈП „Комунална хигиена“ врши вонредна дезинфекција на садовите за смет, а ЈП „Водовод и канализација“ објави телефонски броеви и веб-адреси за услуги кон своите корисници за да го намали физичкото присуство на граѓаните. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ја извести јавноста дека привремено ќе ги затвори шалтерите за прием на странки и ги повикува сите корисници, во наредните две недели, да ги користат услугите на претпријатието исклучиво по електронски пат на веб-платформата www.poc.mk. Секторот за финансии на Град Скопје објави дека наредниве 14 дена нема да прима странки, а секторот за урбанизам на Општина Центар ги укина приемните денови. За посетители затворена е и Зоолошката градина во Скопје.
Се дезинфицираат контејнерите
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ вонредно ги дезинфицира садовите за смет, мерка што вообичаено не ја презема во зимските месеци поради ниските температури. Од пред две недели започна со миење и дезинфекција на сите контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар, поставени на територијата на Град Скопје. Миењето и дезинфекцијата се вршат веднаш по празнењето на контејнерите. Екипите на претпријатието спроведуваат и комплетно миење на џебовите на микролокациите каде што се поставени контејнерите, со помош на автоцистерни.
– Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во сите скопски општини извршија комплетно миење и дезинфекција на сите постојни садови за исфрлање на отпадот со зафатнина од 1,1 кубен метар, како и на нивните микролокации. Активностите ќе продолжат да се одвиваат континуирано, за да се подобри хигиената на садовите, како и на самите јавни површини и наедно да се изврши превенција од можното ширење на заразни заболувања – информираат од претпријатието. Превентивни мерки презема и „Водовод и канализација“ од каде што најавуваат намалување на комуникацијата со граѓаните.
Општина Центар ги укинува приемните денови
Општина Центар ги укинува приемните денови во Одделението за урбанизам. -Ги известуваме жителите дека се прекинуваат редовните приемни денови и приемното време во Секторот за урбанизам на општината, вторник и четврток; 13 до 15 часот. Архивата на Општина Центар и понатаму ќе продолжи со прием на предмети во редовното работно време, од 9 до 15 часот. Градоначалникот Саша Богдановиќ и Општина Центар апелираат до жителите да ги почитуваат препораките и мерките.