Во занималните каде што се згрижуваат деца од осум месеци до тригодишна возраст во градинката „Орце Николов“, во Карпош 3, поставен е филтер „нанокс“, кој на децата ќе им овозможи да дишат почист воздух. Нанофилтерот, покрај тоа што ќе го прочистува воздухот во четирите занимални, ќе го опфаќа и делот на јаслите, во кој престојуваат околу 100 деца.
– Овој филтер, кој претставува густа мрежа од нановлакна, овозможува висока пропустливост на воздухот и врши задржување на штетните ПМ10 честички, како и на алергени, прашина, смог, бактерии, кои претставуваат закана за здравјето на луѓето, а особено на децата, новороденчињата, бремените жени и постарите лица, како и лицата со респираторни и други хронични заболувања. Овој филтер има улога на заштита од смог, прашина, полен, микроорганизми, дожд, УВ-зраци и инсекти. Филтерот е донација од родител, чија цел е да придонесе во градењето на уште поквалитетно и побезбедно предучилишно образование – информираат од општината Карпош.
Притоа појаснуваат дека локалната самоуправа ќе продолжи да ги поддржува проектите и идеите што имаат за цел да ја унапредат детската заштита во градинките во Карпош.