Екипите на град Скопје денеска ја почнаа втората фаза од изградбата и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин поток. Градежни работи ќе се изведуваат на траса долга околу еден километар, а покрај реконструкцијата на постојниот коловоз предвидено е и негово проширување на четири сообраќајни ленти со ширина од 3,5 метри, разделно зеленило и мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
На почетокот на градежните работи за реализација на овој капитален проект присуствуваа градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на општините Центар, Карпош и Чаир, Саша Богдановиќ, Стефан Богоев и Висар Ганиу.
– Се работи за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница ја користат и оние кои само минуваат низ овој дел на градот – рече Шилегов.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, дополнително се предвидува изведба на нова атмосферска канализација, изведба на потпорен ѕид во должина од 690 метри и ново лед осветлување од двете страни. Реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи и за замена на дел од старата и поставување на нова подземна инфраструктура онаму каде што е потребно од страна на различни субјекти, за да се избегне прекопување на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата.
Вредноста на договорот за оваа фаза изнесува околу 160 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи се очекува да завршат во рок од шест месеци.
Градоначалникот Шилегов денеска упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа делница и да ги следат информациите за привремен режим на сообраќај што ги објавува градот Скопје.