Општината Ѓорче Петров ќе добие нови паркови. Со реконструкција на старите и подигање нови зелени површини ќе се збогатат околу 3.500 квадратни метри, кои ќе се наводнуваат со систем капка по капка. Проектот за подигање нови тревни парцели веќе е почнат со почетокот на работите на терен, а ќе го реализира општината Ѓорче Петров во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“. Инвестицијата за подигање нови парковски површини ќе изнесува околу три милиони денари.
– И пред локалните избори ветив дека ќе ги зачуваме постојните зелени површини и ќе се заложуваме за подигнување нови површини и паркови. Узурпирањето и неконтролираната градба во општината Ѓорче Петров нема да биде случај како што е на други места – вели градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Наумоски.
Тој апелира за самосвесност кај граѓаните при фрлањето ѓубре и отпад бидејќи, како што рече, новите зелени површини треба да се одржуваат. Проектот веќе почна во населеното место Даме Груев, кај улицата Лука Геров. Интензитетот на одвивањето на холтикултурните зафати ќе се реализира според веќе предвидената програма на „Паркови и зеленило“, но и според временските услови.