Втората Парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни. Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка, нагласи дека оваа парада е посветена на сите ЛГБТИ луѓе и поддржувачи, кои ќе дојдат да го изодат овој марш за еднаквост на ЛГБТИ заедницата, но и на сите оние кои нема да можат да дојдат поради различни причини – зашто се плашат за односот со своите најблиски, се плашат за своите работни места или за односот кон нив во училиште или на факултет.
– Изолацијата, која сите заедно ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТИ луѓе ја искусуваат целиот свој живот поради стигмата и предрасудите. И затоа годинава мотото на парадата е „Вон ѕидовите“ – изјави Андоновски.
Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека плановите за одржување на годинешниот Прајд се темелеа на подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјата. Таа информираше дека и оваа година е добиена потврда за посветеноста на Министерството за внатрешни работи да се обезбеди највисоко ниво на сигурност.
– Пред две години, нашата парада беше оценета како најдобра токму поради безбедносниот аспект. Очекувам дека МВР и годинава ќе покаже професионалност и ќе им обезбеди на учесниците да се чувствуваат сигурно – рече Пировска.
На прес-конференцијата учествуваше и Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, кој од име на /министерството изјави дека ќе бидат преземени сите непходни мерки за настанот да помине безбедно и во најдобар ред.
Прајдот ќе започне со собирање на учесниците во паркот „Жена Борец“ од 10 до 12 часот, а движењето ќе биде покрај Влада, сѐ до Школка во Градскиот парк.
– Таму ќе започне и делот на прослава, бидејќи Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество – рече Петровска.
И овој пат, Парадата ќе ја отвори македонскиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, а потоа ќе следат говори од активисти и неколкучасовна музичка програма. Сите детали околу превентивните мерки и безбедноста ќе бидат тековно споделувани на сите комуникациски канали.
Организатор на парадата е Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.