Вработените на АД ЕСМ од дирекцијата и од подружниците во Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струга и Кавадарци се вклучија во државната акција за чистење која се спроведе во целата држава.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, кој заедно со вработените го чистеше делот околу старата градска болница, порача дека компанијата е дел од сите акции и активности кои значат почиста и подобра животна средина, што е соодветно на определбата на АД Електрани на Македонија, како општествено одговорна комппанија.
Инаку, вработените ги чистеа површините во кругот и околу производните и административните објекти, како и просторот околу акумулациите кој е отворен за посетители.
Се чистеше околу управната зграда на плоштадот Македонија, околу новата управна зграда која се наоѓа спроти Музеј на Град Скопје и околу старата Градска болница.
Дел од вработените го исчистија видиковецот над езерото Козјак, кој е популарна дестинација за излет и прошетка во близина на Скопје. Собран беше отпадот и околу акумулациите Шпиље и Глобочица, како и околу другите акумулации кои се отворени за јавен пристап.
Во термоелектраните беа исчистени круговите на производните капацитети, кои се локации со големи површини.
Надворешниот отпад, како и отпадот од внатрешните простории, на крајот на акцијата беше организирано предаден на соодветните комунални служби.
М.М.