Од изутринава нема автобуски превоз од и кон населбата Шутка. До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа поплаки од корисници на јавниот превоз, дека се оставени на цедило и со часови чекаат автобус кој никако не доаѓа.
– Доцнев на работа, повеќе од еден час чекав да дојде автобус. На крајот бев принудена да фатам такси, бидејќи морав некако да стигнам на работното место. Се јавуваме и на телефон, ни беше кажано дека автобус ќе дојде, но ни трага ни глас од него – изјави Марија Стефановска, жителка на оваа населба.
И учениците револтирано изјавија дека биле принудени да се снаоѓаат за да стигнат навреме на училиште.
– Учам во средното училиште „Арсени Јовков“ и со автобус одам секое утро. Утринава, автобус не дојде и нѐ остави нас кои користиме автобуски превоз на цедило. Моравме да се снаоѓаме, некои од нас заминаа со такси, некои ги викаа родителите да ги носат на училиште – изјави ученикот Мехмед.
Од Јавното Сообраќајно претпријатие велат дека до Шуто Оризари сообраќаат линиите 19 и 20.
– Линија 19 ја опслужуваат 17 возила, од кои две се на ЈСП Скопје, а останатите на приватните превозници („Мак експрес“). Линија 20 ја опслужуваат исклучиво возила на приватните превозници („Мак експрес“). Двете возила на ЈСП Скопје на линијата 19, генерално, секојдневно го реализираат утврдениот возен ред. Регистрирани се мали отстапувања од утврденото, односно во изминатиов месец во неколку наврати едно возило не се вклучило поради непредвиден дефект – информираат од ЈСП Скопје.
Од „Мак експрес“ информираат дека проблемот е во тоа што на автобусите се реализира вонреден технички преглед.
– Речиси сите автобуси се испратени на вонреден технички преглед и затоа автобуски превоз нема. Како што го завршуваат со вонредниот технички преглед, така се враќаат во сообраќај – истакна првиот човек на „Мак експрес“, Милорад Димитриевски.
Што се однесува до другите автобуски линии ширум Скопје, каде исто така изминатите денови беа пријавени голем број проблеми со автобускиот превоз, првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, истакна дека голем број од автобусите се испраќаат на вонреден технички прегледи по неколку пати уште од раните утрински часови кога техничките прегледи не работат.