Отсекогаш било познато зошто ги крадат капаците. Истите тие ги препродаваат како старо железо за да земат пари. Сега не знам колку можат да ги продадат тука, затоа што мислам дека и откупувачите на железо се плашат да ги земаат, за да не си направат проблем. Но тоа секогаш може да се реши со уништување на обележјата на капаците или, пак, намерно кршење, за да не се види дека се капаци од канализациски мрежи, вели Златко Петровски

Иако феноменот на кражби на капаци од шахти и сливници воопшто не е новитет во главниот град, сепак, во одредени периоди од годината, оваа вандалска појава е поинтензивна. Голем и сериозен проблем создаваат крадците на сливниците и капаците од шахтите. Предизвикуваат сериозни штети за возачите, кои не секогаш успеваат да ги видат отворените шахти, па со тркалата удираат во отворените дупки. Ништо полесно не е ниту за пешаците и велосипедистите, особено кога се украдени капаците од сливниците, кои се долги и тесни, па многумина што одат пеш, не ги забележуваат отворите и пропаѓаат со нозете, па завршуваат и со скршеници и шинати нозе.

АПЕЛИТЕ НЕ ПОМАГААТ, СЛЕДУВААТ ПОРИГОРОЗНИ МЕРКИ

Којзнае по кој пат јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелира до несовесните жители на градот Скопје да не ги крадат капаците од шахтите и сливниците.
Се чини дека залудни се сите напори на надлежните да допрат до оние што постојано се обидуваат да се збогатат крадејќи ги капаците. Препродавањето на капаците, иако е забрането со закон, сепак, се чини дека не ги плаши крадците, бидејќи појавата на нивното крадење никако да запре, или барем да се намали.
– Во текот на изминатите неколку дена е извршена кражба на десет решетки на сливници на улицата Среќко Пужалка и пет на улицата Финска. Случајот е документиран и пријавен во полициска станица. Некои од решетките на сливниците се заменети, а некои ќе се заменат во најбрз можен рок – информираа од претпријатието.
Оттаму упатуваат апел до граѓаните на градот Скопје за одговорно однесување кон атмосферската канализација, имајќи ги предвид кражбите на решетки на сливници во изминатите неколку дена.
– Ваквиот вандализам негативно се одразува на претпријатието и истовремено ја загрозува безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот – велат од водоводното претпријатие.

СТРАДААТ ДЕЧИЊА, СТРАДААТ ВОЗРАСНИ, СТРАДААТ И СИТЕ ДРУГИ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Малите деца се најчести жртви на вакви незгоди, затоа што при играње и трчање честопати не ги забележуваат дупките, а досега, за среќа, не се случил посериозен инцидент, кој би одзел и човечки живот.
Сепак, страдаат и возачите, велосипедистите, па и постарите граѓани, кои не ги забележале отворените дупки.
– Лошо е кога, ете, ќе се случи да нема осветлување на улицата, а шахтата е отворена. Тоа лично го имам доживеано. Удрив силно во дупката, ми се искриви бандажот на десното предно тркало, па морав да го менувам целото тркало сосе гумата. Неодговорно е ваквото однесување на поединци, бидејќи предизвикуваат животна опасност за сите, не само за нас, возачите. Што ако со мене имаше мало дете во автомобилот и се повредеше – револтирано вели Саше Манчевски.
За родителите, најголема опасност се отворените сливници и шахти поради нивните деца, бидејќи тие не внимаваат каде одат, а тоа е нормална карактеристика на секое дете.
– Ќерка ми еднаш падна во отворена шахта. Среќа не се повреди, меѓутоа беше многу исплашена. Оттогаш воопшто не се доближува до шахтите, иако се затворени, страв ѝ е повторно да не пропадне – вели Марија Крстева.
Граѓаните велат дека знаат зошто се крадат капаците од шахтите и сливниците.
– Отсекогаш било познато зошто ги крадат капаците. Истите тие ги препродаваат како старо железо за да земат пари. Сега не знам колку можат да ги продадат тука, затоа што мислам дека и откупувачите на железо се плашат да ги земаат, за да не си направат проблем. Но тоа секогаш може да се реши со уништување на обележјата на капаците или, пак, намерно кршење, за да не се види дека се капаци од канализациски мрежи – вели Златко Петровски.

[email protected]