Голем дел граѓани што користат печки на дрва веќе почнаа со набавката, а со тоа почнаа и традиционалните проблеми за нивните соседи. Во секоја скопска населба првиот проблем кога ќе се донесат дрвата кај купувачот (граѓанинот) се растоварот, сечењето, цепењето и привременото складирање. Втора е бучавата со сечењето на дрвата. Трета е фрлањето на струганиците во атмосферската или фекалната канализација… Од една страна, корисниците кога ги набавуваат дрвата ги оставаат на улици и блокираат цели тротоари додека да ги сместат и средат на местата каде што ги чуваат, а други, пак, со помош на специјални машини за сечење дрва прават невидена бучава, и тоа претежно во времето определено за одмор и во неделите рано наутро, кога сите одмораат

ДОАЃА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА, А СО НЕА И ПРОБЛЕМИТЕ СО ОГРЕВОТ

Грејната сезона е веќе на прагот, а тоа значи дека и подготовките кај граѓаните за претстојната зима се во полн ек. Сите што ги загреваат своите домови со помош на дрва веќе интензивно набавуваат дрва за греење, меѓутоа воопшто не внимаваат каде ги оставаат дрвата, блокирајќи цели улици додека да ги средат. Тоа е доста чест проблем за скопјани периодов, бидејќи речиси нема населба па и улица во која нема некој сосед што се грее со помош на овој енергент.

УЗУРПИРАНИ УЛИЦИ И ДРУГИ ЈАВНИ ПОВРШИНИ

Голем дел граѓани што користат печки на дрва веќе почнаа со набавката, а со тоа почнаа и традиционалните проблеми за нивните соседи. Во секоја скопска населба се појавува проблем од набавката. Од една страна, корисниците кога ги набавуваат дрвата ги оставаат на улици и блокираат цели тротоари додека да ги сместат и средат на местата каде што ги чуваат, а други, пак, со помош на специјални машини за сечење дрва прават невидена бучава, и тоа претежно во времето определено за одмор и во неделите рано наутро, кога сите одмораат.
Граѓаните што се чести „жртви“ на овие тортури велат дека нивните соседи бесчувствително ги блокираат улиците и тротоарите, па не можат да си одат дома.
Целиот проблем со застојот на секундарните сообраќајници (маалски улички) започнува со доставувањето на дрвата. Камионот ги истовара пред куќите и дворовите, а тоа, за чудо, редовно се случува дури и кај оние граѓани што имаат дворови и можат дрвата да ги сместат внатре, во дворното место. Сепак, се чини полесно им е кога остатоците од сечењето и цепењето на дрвата ќе ги исчистат уличните општински служби за хигиена. Во голем дел од населбите сѐ уште има голем број домаќинства што ги користат дрвата за затоплувањето на домовите, па ова е проблем речиси во секоја општина и населба.
– Нашиот сосед редовно набавува дрва овој период од годината и секоја година со исто објаснување. Ние немаме проблем тој да набавува дрва, напротив и ние се грееме на дрва, меѓутоа не е фер да останеме блокирани цел ден, а некогаш и цели викенди поради тоа што тој набавил дрва. Кога и да му кажам, вели дека нема друга опција и дека мора да ги остава на улицата, бидејќи немал каде да ги остави, тревата ќе му се уништела. Значи, ние чекаме да дојде човекот со машина за сечење дрва, да ги исече, па потоа соседот да ги собере на местото каде што му стојат. Не го пријавуваме поради тоа што е сосед, сепак, не сме во лоши односи, меѓутоа ова е навистина крајно нефер кон нас – вели жител на Лисиче, кој редовно се соочува со овој проблем.
Ова ја загрозува и безбедноста на пешаците, бидејќи во скопски Бутел има вакви случаи и на главните улици, на тротоарите, па пешаците немаат каде да минуваат.
– Имам мало бебе, кое морам да го возам во количка додека го носам другото на училиште. Меѓутоа, честопати се случува во овој период од годината да морам да се симнам на улица поради истурени дрва на тротоарот. Да, луѓето им ги доставуваат и веднаш си ги собираат во своите дворови, но сепак мора да размислуваат и за нас што минуваме и ги користиме тие тротоари – вели мајка на мало дете од скопски Бутел.

ВИСОКИ ДЕЦИБЕЛИ ОД МАШИНИТЕ ЗА СЕЧЕЊЕ ДРВА

За жал, узурпираните тротоари и улички не се единствените проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Силните децибели од цепењето на дрвата, но и од машините за сечење на дрвата, речиси како по навика силно одекнуваат во деновите одредени за одмор, во раните утрински часови или пак во периодите од денот кога сите одмораат.
– Нашиот сосед редовно цепи дрва од 15 до 17 часот, во време утврдено за одмор. И тоа навистина многу ни пречи, особено бидејќи јас работам во достава на леб, па станувам многу рано и ми треба време да одморам. Неколкупати досега му укажав, но вели дека мора и тој некогаш да работи, со оглед на тоа што одел на работа. И сега, за да не правам големи проблеми, си молчам, затоа што сме соседи, врата до врата – вели жител на Чаир.
Машините за сечење дрва, пак, редовно се активираат во неделите, во раните утрински часови, кога сите одмораат.
– Неделите се кошмар во нашата населба, затоа што сите викаат луѓе да им ги исечат дрвата. Уште од осум часот наутро почнуваат со сечење на неколку кубици дрва, па тоа ни го нарушува неделниот одмор. Кај имаме еден ден за одмор и за да спиеме малку подоцна, сепак завршуваме будни уште во осум – вели жителот на Чаир.

ШТО МОЖАТ ДА ПРЕЗЕМАТ ГРАЃАНИТЕ

Доколку овој проблем се пријави во Министерството за внатрешни работи, тие ќе постапат по пријавата и во зависност од прекршокот, според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, ќе следува и санкцијата.
Според членот осум од законот, „кој им го нарушува мирот на други со пеење, користење музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15 до 18 часот и по 23 часот до шест часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“.
Градот не е надлежен за ова прашање, бидејќи тоа е проблем претежно на општините, затоа што најчесто се блокираат улици што не се во надлежност на градските власти, па граѓаните решенијата за своите проблеми треба да ги бараат кај општинските власти.
Граѓаните можат да го пријават проблемот во МВР или во општината, од каде што ќе добијат понатамошни инструкции за проблемот, откако ќе објаснат за каков проблем точно станува збор.