Фото: Игор Бансколиев

Сѐ почесто граѓани, туристи, посетители на главниот град, како корисници на автотакси, се жалат дека превозот им се наплатува по енормно високи цени, и тоа не по таксиметар, туку по некоја апликација од мобилен телефон. Според информациите од оштетените лица, „Ист гејт“, Транспортниот центар и Клиничкиот центар се местата од каде што доаѓаат најголемиот број жалби, вели претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски

Нелегалниот такси-превоз им го уништува угледот на главниот град и на државата

Состојбата со такси-превозот во Скопје се чини дека никогаш не била полоша. Диви таксисти „ловат“ патници, а најголема цел во последно време им се странците, кои се магнет за брза и нереална заработка за несовесните и диви такси-возачи. Се наплатуваат нереални цени за кратки дестинации, бидејќи многумина од дивите возачи мислат дека ако се странци, не ги разбираат парите, па се обидуваат да им наплатат големи суми и брзо да заработат.

СТРАНЦИТЕ СЕ НАЈЧЕСТА ЦЕЛ

„Ако сме странци и првпат доаѓаме во Скопје, не значи дека сме глупави и дека не ја разбираме вредноста на парите“. Со овие зборови го започна разговорот Италијанецот Алекс, кој туристички беше дојден во Скопје, каде што остана три дена, а потоа замина за Охрид.
Алекс е 29-годишен Италијанец, кој ова лето одлучил да шета на Балканот. Особено интересно му било да дојде во Скопје и Македонија, бидејќи неговите пријатели му раскажале за убавините на Матка и Водно, за старата скопска чаршија, но и за модерните трговски центри.
Сепак, нешто го разочарало. Тој за нашата редакција истакна дека како главен град имаме сериозен проблем со нереални цени на такси-превозот. За превоз од „Ист гејт мол“ до зградата на Владата, таксистот му побарал неверојатни две илјади денари. И, како што би звучеле рекламите, „тоа не е сѐ!“. Наместо таксиметар, возачот вклучил апликација на телефон, која во секунди го накачувала износот на превозот.
– Ми побара две илјади денари, без никаков срам! Добро велам, дај ми сметка, сакам да знам колку чини километар и зошто е толку скапо. Наместо да ме услужи, избега. Знаете, ние сме странци, но не сме глупави. Пред одмор сите ние ја анализираме земјата каде што одиме, а особено внимание ни се парите, за да знаеме колку ни требаат и слично. Но ваков обид за „грабеж“ досега немам никаде видено – вели Алекс.
На нашето прашање да објасни какво било такси-возилото, тој рече дека не можел да утврди дека станува збор за нелегален таксист.
– Возилото беше исто како и сите други такси-возила. Не можеше да се утврди дека станува збор за див таксист – вели тој.

СОСТОЈБАТА СО ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ ОД ПРВА РАКА

Според претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, моменталната состојба во автотакси-превозот во градот Скопје е катастрофална, кој сака става табла и вози такси со каква било боја на такси-возило, без таксиметар, нелиценцирано возило, непријавен такси-возач.
– Сѐ почесто се жалат граѓани корисници на автотакси-превозот дека им се наплатуваат високи цени не по таксиметар туку по некоја апликација од мобилен телефон. „Ист гејт“, Транспортниот центар и Клиничкиот центар се местата од каде што доаѓаат најголемиот број жалби. Вакво безредие во автотакси-превозот никогаш немало. Дававме предлози за решавање на автотакси-дејноста во градот Скопје што институциите ќе ги чинеа 0 (нула) денари, а со кои гарантиравме намалување на сообраќајниот хаос, намалување на загадувањето, намалување на невработеноста и зголемување на буџетот по основа на придонеси на нововработени лица – вели тој.
Според него, безуспешни се сите залагања на Групацијата на автотакси-превоз за институционално решавање на проблемите во автотакси-превозот во градот Скопје.
– Запознаена е инспекцијата за патен сообраќај на Град Скопје, Трудовата инспекција, Град Скопје, имавме изјави во медиуми, апел до соодветни институции да се преземе нешто со што ќе се стави ред во автотакси-превозот, ама никој ништо не презема. Во фаза на изготвување е новиот закон за превоз во патниот сообраќај, каде што во делот на таксито НЕ се предвидува подобрување на состојбата, напротив зголемување на хаосот поради намалување на казните, кои и онака не беа високи. Дадовме свои реални забелешки, мислења и предлози, кои доколку бидат игнорирани, хаосот во такси-превозот ќе биде поткрепен со закон – нагласи Рајчановски.

[email protected]