Jавниот интерес избива во преден план
Надлежните покажаа зрелост и во интерес и за доброто на граѓаните ги надминаа сите пречки, па постигнаа договор со кој грејната сезона нема да почне со студени радијатори. Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и компанијата „Адора“, завчера попладне, постигнаа договор за закуп на топланите Запад и Исток, кои се сопственост на „Адора“
По неколкунеделната неизвесност околу тоа дали скопјани ќе добијат парно греење или не, конечно надлежните постигнаа договор во полза на поширокиот јавен, граѓански интерес. На петнаесетти октомври, денот кога официјално почнува грејната сезона, жителите на главниот град ќе имаат топли радијатори.
КОНЕЧНО КРАЈ НА НЕИЗВЕСНОСТА
Заврши неизвесноста во која жителите на главниот град што користат централно парно греење се измачуваа со прашањето како ќе ги стоплат своите домови во претстојната грејна сезона.
Надлежните покажаа зрелост и во интерес и за доброто на граѓаните ги надминаа сите пречки, па постигнаа договор со кој грејната сезона нема да почне со студени радијатори.
Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и компанијата „Адора“, завчера попладне, постигнаа договор за закуп на топланите Запад и Исток, кои се сопственост на „Адора“.
Нив ќе ги користи ЕСМ во процесот на обезбедување парно за Скопје. Со ова се смета дека е решен проблемот за греење. Како што информираа од државното претпријатие, договорот за закуп е со трајност за времетраење на тековната грејна сезона, односно до крајот на април следната година.
– Двете компании покажаа општествена одговорност и свесност за моментот во однос на потребите на граѓаните на Скопје и постигнат е договор – сите прашања што претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период – се вели во соопштението на ЕСМ.
Досега, фирмата „Балкан енерџи груп“ ги користеше топланите, но, бидејќи немаше доволно финансиски средства да купува гас, а со тоа и да испорачува топлинска енергија до нејзините корисници ѝ беше одземена лиценцата.
ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ЌЕ ЧИНИ ОКОЛУ 400 ИЛЈАДИ ЕВРА
Од компанијата „Адора“, која се согласи на државата да ѝ ги даде под закуп топланите Исток и Запад, ја информираа јавноста дека добиле цврсти гаранции дека ЕСМ ќе ги купи топланите и дека ќе го врати долгот кон компанијата настанат по основа на закуп и амортизација.
– Менаџментот на „Адора инженеринг“ доби цврсти гаранции од ЕСМ АД дека во најбрз можен рок, според сите домашни законски прописи ќе почне постапката за купопродажба на топланите Исток и Запад и дека на компанијата ќе ѝ бидат исплатени долговите настанати во изминатата година по основа на закуп и амортизација на топланите.
„Адора инженеринг“ склучи краткорочен договор за закуп на топланите Исток и Запад со ЕСМ АД, кој важи од денеска до 30 април 2023 година, кој е на штета на компанијата од 550.000 евра на годишно ниво.
„Адора инженеринг“ со фактот што ги прифати условите за закупнина од страна на ЕСМ АД дава огромен придонес, односно изврши еден вид субвенционирање на топлинската енергија за ублажување на енергетската криза во земјава – се вели во соопштението на „Адора“.
Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во согласност со важечкиот тарифник на РКЕ, државата ќе ѝ плати на „Адора“ 390 илјади евра за користењето на топланите за претстојната грејна сезона.
Како што нагласи тој, на 12 месечни рати, на оваа компанија ќе ѝ се исплаќаат 32.500 евра.
Инаку, поради студените утра, во кои изминатите денови температурите паднаа и под десет степени, со топли радијатори се разбудија само корисниците на топланата Скопје – Север, која не е дел од „Балкан енерџи груп“. Затоплени беа домовите во околу 500 домаќинства и мали фирми.