Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Сојузот на синдикати на Македонија смета дека градоначалничката на Град Скопје и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие се виновни што над 1.000 семејства на вработени во ЈСП се оставени без плата и што за првпат скопјани останаа без јавен градски превоз.
– Работниците утринава дојдоа на своите работни места да возат, но не видоа дека в.д директорот Стојковски дошол да им исплати плати, туку видоа дека дошол неовластено да ги снима за да слушаат тие што немаат храброст да се исправат пред работниците – велат од ССМ.
Бараат да бидат поднесени кривични пријави против градоначалничката Арсовска и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Александар Стојковски поради непочитување на законите.
– Град Скопје да поднесе кривични пријави против градоначалничката Данела Арсовска и в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски по член 166 од Кривичниот законик, кој покрај другото предвидува дека „тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата итн., ќе се казни со парична казна или со затвор до една година” и да не дозволат и да ги оставаат работниците сами да се справуваат со нив – се вели во соопштението од ССМ.