Фото: Игор Бансколиев

Инцидентите од ваков облик засега остануваат забележани само на хартија и во медиумите што објавиле за тоа. Речиси никогаш сторителите не се пронаоѓаат иако, според нашите соговорници, има низа индиции преку кои брзо би се дошло до материјални докази и до основано осомничени. Останува засега енигма каков е мотивот на девастаторите на спомениците и бистите, дали станува збор за материјални или, пак, идеолошки или политички причини?

Уништувањето на бистите на историските личности значи и бришење на сопствената историја

Скопје, но и другите градови во Македонија веќе подолго време имаат сериозен проблем со вандализирање на спомениците од страна на непознати сторители, кои, само за ним познати причини, чкртаат, кршат, па и ги крадат бистите и спомениците во градот. Ваквото однесување стана мошне често, бидејќи речиси и да нема месец во кој немало некој инцидент поврзан со културно-историските споменици.

ГРАДСКИОТ ПАРК НА НИШАН

И да не станува збор за уништување на културно-историски споменици туку за нешто друго, сепак тоа треба да биде причина за загриженост на сите нас. Ако нашите граѓани ги уништуваат спомениците на борците што историјата ни ги оставила во аманет, тогаш сите обиди за зачувување на македонштината ни пропаѓаат во вода.
Ако самите не си ги чуваме и негуваме нашите обележја, не ни треба да очекуваме некој друг да го стори тоа за нас.
Дека навистина имаме сериозен проблем со вандализирање е докажано низ годините. Инциденти има речиси постојано, почнувајќи го уништување урбана опрема, палење канти за отпадоци, крадење садници и слични девијантни појави.
Меѓутоа кога станува збор за вандализирањето на бистите на народните херои, кои своите животи ги дале за ова парче наша земја, наша татковина, причините за таквото однесување воопшто не се и нема да бидат оправдувачки за сторителите.
Независно од возраста на сторителите, уништувањето на историјата и спомен-обележјата на нашите предци нема никакво оправдување.
Деновиве на социјалните мрежи се споделува информација дека бил украден штитот од статуата „Александар Први Филхелен“, седмиот македонски крал по ред од лозата на Аргеади, кој е поставен на Мостот на цивилизациите. Покрај тоа, граѓаните со фотографии покажуваат дека се украдени и речиси сите натписи што даваат опис на спомениците.
За жал, ова не е прв случај на уништување.
На 29 минатиот месец беше украдена и бистата на Цветан Димов од Градскиот парк во Скопје.
Во СВР-Скопје овој случај бил пријавен, а од полицијата информираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
За жал, се чини дека поставените бисти и споменици на македонските дејци во Градскиот парк се на нишан.
Во октомври минатата година, споменикот на Гоце Делчев во паркот беше исчкртан со разни бои од страна на непознати сторители.
Доколку се обрне внимание на сите поставени бисти во Градскиот парк, лесно се доаѓа до заклучок дека недостигаат и постаментите на Коле Неделковски и Никола Вапцаров.
За жал, ова не е случај само во главниот град. Проблем со вандализирање на бистите има и Струга, каде што неодамна од Алејата на поетите во Струга мистериозно исчезна бистата на Славко Јаневски. Пред две години, пак, бистата направена во сеќавање на Анте Поповски беше фрлена во водите на Охридско Езеро.

РЕЧИСИ СИТЕ СПОМЕНИЦИ СЕ МАГНЕТ ЗА ВАНДАЛИТЕ

Пред околу четири години, вандалски беше уништена и плочата на Споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“, веднаш наспроти македонското собрание. Јавноста сѐ уште ги памети случките со вандализирање на спомениците на народните херои од НОБ во Градскиот парк, потоа бистите на Коле Неделковски, Владо Тасевски, Дане Крапчев во Карпош, на украдените бисти на народни херои на градските гробишта во Бутел, на сквернавеното спомен-обележје на формирањето на Првиот скопски партизански одред, како и на искршената плоча на 16-та Македонска народноослободителна бригада во Кучевиште…
Инциденти од ваков облик засега остануваат забележани само на хартија и во медиумите што објавиле за тоа. Речиси никогаш сторителите не се пронаоѓаат иако, според нашите соговорници, има низа индиции преку кои брзо би се дошло до материјални докази и до основано осомничени. Останува енигма каков е мотивот на девастаторите на спомениците и бистите, дали станува збор за материјални или, пак, идеолошки или политички причини?
Вандализмот во земјава отиде дотаму што се крадат капаци од шахти, се кршат јавни монтажни тоалети, се фрлаат клупи во езерцата во паркот, а сето тоа се плаќа од џебот на граѓаните. Властите потоа мора да трошат парични средства за да ги обноват уништените бисти и споменици, кои се поставени за да нѐ потсетуваат на паднатите жртви за Македонија.

ОД КАДЕ гневот и деструктивноста?

Граѓаните што забележале некои од инцидентите велат дека тоа се истите тие млади деца што ги кршат и уништуваат градските автобуси.
Велат дека вакво однесување порано немало и оти мора да се воведе некаков ред.
– Не си интересен ако кршиш, пукаш петарди и уништуваш сѐ што е поставено. Доброто однесување секогаш ќе биде во мода. Дали младите поминуваат премногу време на интернет каде што гледаат сѐ и сешто, не знам, но тврдам и сведок сум дека голем дел од вандализмот го реализира токму младата популација, и тоа онаа докај 20 години, па и помлади. Не знам кој ги научил дека е интересно да се пука петарда во канта за отпадоци или во стаклени шишиња, а воопшто не ни можам да замислам што размислувале кога фрлале клупи за седење во езерцето во парк или, пак, како имале смелост да го чкртаат споменикот на Гоце Делчев…. Па, дали воопшто учеле кој е Делчев и колкава е неговата улога за нашата земја? Не можам да разберам што им се врти во глава на децата – вели Александар Митровски.
Многумина од жителите на Скопје велат дека најголемите проблеми произлегуваат од младите бидејќи, како што велат, сведочат за тоа.
– Вечерните часови се идеални за уништување. Нема луѓе, нема кој да им каже и да ги укори. Живеам во непосредна близина на Градскиот парк и точно знам која категорија граѓани се движат тука во вечерните часови. Иако не можам со сигурност да тврдам кој е сторителот, сепак, од она што досега сум забележал, тоа се или млади лица, или луѓе што работат со старо железо – вели Иле Стојановски.