фото: Архива

Според податоците на интернет-страницата на јавното сообраќајно претпријатие, несомнено ЈСП е најголем поединечен потрошувач на гориво во категоријата транспорт. Иако во неколку стручни анализи беше наведено дека сообраќајот не претставува тежишен дел на загадувањето, тоа не значи дека сообраќајот не загадува, особено автобускиот сообраќај, кој речиси 24 часа на ден учествува со голем број автобуси

АНАЛИЗА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Неодамнешната информација дека Скопје ќе добие сто нови електрични автобуси громогласно одекна во јавноста, особено кај еколозите, чија најголема загриженост е загадениот воздух, кој е причина за голем број сериозни последици кај скопјани. Доколку се реализира тоа и градот навистина целосно го ориентира јавниот градски превоз кон електричен, тоа ќе биде огромен плус на контото квалитетен животот во метрополата.

ЗА СКОПЈЕ СЕ ДОБРЕДОЈДЕНИ ЕЛЕКТРИЧНИТЕ АВТОБУСИ

Скопје во наредниот период ќе добие сто електрични автобуси, со кои не само што ќе се обнови возниот парк и ќе се заменат старите автобуси туку и значително ќе се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух.
Иако во неколку стручни анализи беше наведено дека сообраќајот не претставува тежишен дел на загадувањето, тоа не значи дека сообраќајот не загадува, особено автобускиот сообраќај, кој речиси 24 часа на ден учествува со голем број автобуси.
Сепак, за поздравување е што автобускиот сообраќај е една од првите мерки што се активираат кога градот има енормна загаденост, односно се активира бесплатен јавен превоз, кој треба да ги натера граѓаните да ги остават своите возила и да го користат јавниот транспорт. Со набавката на електрични автобуси, тоа воопшто и нема да биде дел од загадувањето, односно јавниот превоз ќе биде целосно еколошки, со што загадувањето на амбиенталниот воздух можеби нема целосно да исчезне, но значително ќе се намали.

НАПРАВЕНА МАТЕМАТИКА ЗА ТОА КОЛКУ ТОНИ ПМ-ЧЕСТИЧКИ СЕ ПРОДУЦИРААТ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

Да потсетиме, на научната конференција за загадувањето на градовите во Македонија и можните решенија – сесија за сообраќај, одржана во 2018 година во МАНУ, проф. д-р Миле Димитровски од Машинскиот факултет и претставник на Комората на овластени архитекти и овластени инженери истакна дека сообраќајот учествува во загадувањето со 20 проценти.
Според него, доколку сите ние сме биле малку построги во однос на заштитата на воздухот, не би се соочувале со толкава загаденост.
– Стимулирано е купување употребувани возила и дозволен е увоз на возила со ниски стандарди (евростандард 1 и 2). Во 2016 година е дозволен увоз на возила со стандард на мотор еуро 4, кој во ЕУ е воведен пред повеќе од десетина години. Набавени се двокатни автобуси за јавен превоз со дизел-мотори еуро 5 (продуцираат честички ПМ10, ПМ 2,5) – нагласи тој на конференцијата.
На тогашната конференција и направените анализи, ЈСП имало 401 автобус, од кои сите биле дизел со неколку гасни минибуси. Тие дневно остваруваат 53.184,8 километри. Во сообраќајот имало 96,26 проценти автобуси на дизел-гориво, 3,74 проценти автобуси на компримиран природен гас (CNG). Број на автобуските линии бил 39, а вкупната должина на автобуските линии била 568,7 километри.
Со извршените мерења на возењето на автобусите, заклучено е дека драстично е помало загадувањето на оние автобуси со еуро 5 во споредба со оние со еуро 2.
Со поминати 53 илјади километри дневно, ЈСП ќе произведе 2,12 тони ПМ-честички. Според него, доколку автобусите би биле гасни, емисијата на ПМ-честички би била 0,511 тони, а најзначајна компонента од јавниот превоз што загадува се азотните оксиди.
Како едно од можните решенија, тој истакна дека е потребна обнова на возниот парк со возила што би возеле на природен гас или електрични.
Според горенаведеното, можеме да заклучиме дека набавката на електрични автобуси што нема да го загадуваат воздухот е добредојдено решение.

ДЕНЕС ЈСП ИМА ПОВИСОКИ СТАНДАРДИ

Според податоците на интернет-страницата на јавното сообраќајно претпријатие, несомнено ЈСП е најголем поединечен потрошувач на гориво во категоријата транспорт.
Пред десетина години, во делот за животната средина, ЈСП-Скопје наведе дека како претпријатие годишно троши просечно околу 6.000.000 литри гориво.
– Тоа се приближно 30.000 буриња, кои кога би ги наредиле едно до друго, би достигнале и би го поминале Катланово. Со тоа што ЈСП „согорува“ над 6.000.000 литри гориво годишно, истовремено претставува и најголем поединечен потенцијален загадувач на животната средина во својата категорија – наведено е на сајтот на ЈСП.
Како што пишува, сѐ до 2006 година немало никакви активности во правец на намалување на штетноста од емисијата на издувните гасови, а со тоа и да се даде значителен придонес во заштитата на животната средина.
– Европските стандарди за емисија на издувните гасови кај возилата дефинираат прифатливи граници на издувни гасови кај новите и користените возила во рамките на државите на ЕУ. Во моментот се регулирани емисиите на азотните оксиди (NОx), јаглеводородите (THC), неметанските јаглеводороди (NMHC), јаглерод моноксидот (CO) и прашкестите – партикуларните материи (PM). Барањата за намалување на штетноста на издувните гасови, односно грижата за зачувување на животната средина се врвен приоритет на земјите од ЕУ, а индиректно и на Р Северна Македонија – стои на сајтот на претпријатието.
Денес, ЈСП има повисоки стандарди. Актуелните автобуси се далеку од оние старите, кои беа можеби и најголемите загадувачи на воздухот.
Па, така, возниот парк се состои од „ман“ (нископодни) со еколошки стандард еуро 6, „јутонг“ (двокатни) со еколошки стандард еуро 5, „лаз“ (нископодни) со еколошки стандард еуро 4, „јутонг“ (минибуси) со еколошки стандард еуро 4 и „застава“ (минибуси) со еколошки стандард еуро 2.

КОИ СЕ ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ ЗА ЕМИСИИ?

Иако регулативите за емисиите датираат од 1970 година, првиот стандард на ниво на ЕУ – познат како еуро 1 – беше воведен дури во 1992 година, кога каталитичките конвертори станаа задолжителни за новите автомобили, ефикасно стандардизирајќи го вшприцувањето гориво. Оттогаш имаше низа евростандарди за емисии, што доведе до сегашниот еуро 6, воведен во септември 2014 година за одобренија за нови типови и воведен за поголемиот дел од продажбата и регистрациите на возилата во септември 2015 година.
Регулативите, кои се дизајнирани да станат построги со текот на времето, ги дефинираат прифатливите граници за емисиите на издувните гасови на новите лесни возила што се продаваат во земјите-членки на ЕУ и ЕЕА (Европска економска зона).
Според ЕУ, емисиите на загадувачи на воздухот од транспортот се значаен придонес за севкупната состојба на квалитетот на воздухот во Европа, а индустријата и производството на електрична енергија се другите главни извори.
Целта на евростандардите за емисии е да се намалат нивоата на штетни емисии на издувни гасови, главно на азотните оксиди (NОx), јаглеводородите (THC), неметанските јаглеводороди (NMHC), јаглерод моноксидот (CO) и прашкестите – партикуларните материи (PM).
Овие стандарди имаат позитивен ефект, а според СММТ (здружение на производители и трговци на мотори), денес би биле потребни 50 нови автомобили за да се произведе истото количество на емисии на загадувачи како едно возило произведено во 1970-тите.
Бидејќи бензинските и дизел-моторите произведуваат различни видови емисии, тие подлежат на различни стандарди. Дизелот, на пример, произведува повеќе честички – или саѓи – што доведува до воведување филтри за дизел-честички.
Меѓутоа, според ЕУ, емисиите на NOx од патниот транспорт „не се намалени колку што се очекувало“, бидејќи емисиите во „реални“ услови за возење често се повисоки од оние измерени за време на тестот за одобрување (особено за дизел-возилата).
Според статистиката на Одделот за бизнис, енергија и индустриска стратегија од 2018 година, транспортот сè уште учествува со 33 проценти од сите емисии на јаглерод диоксид, а најголемиот дел од нив доаѓа од патниот транспорт.


Скопје ќе добие нови 250 еколошки автобуси

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека скопјани за две години ќе добијат бесплатен јавен превоз и потенцира дека ќе се набават нови 250 електрични автобуси.
– Ќе има 250 екоавтобуси. Тоа е амбициозна програма, но е и мој фокус и ќе нѐ стави на мапата на чисти, еколошки градови. Има донатори и квалитетни фондови за оние што сакаат да се придвижат кон зелената транзиција – нагласи таа.