Детска програма пред дочекот на новата 1999 година

Тоа беа едни други, убави и безгрижни времиња, кога Нова година беше големо случување за сите. Тоа беше време во кое скопјани се договараа, кога се дотеруваа и со денови го организираа пречекот на новата година, вели Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност

КАКО СЕ ПРОСЛАВУВАШЕ НОВА ГОДИНА ВО МИНАТОТО

Носталгија за едни поубави времиња. Со овие зборови скопјани ја почнуваат приказната за новогодишните прослави во минатото, од осамостојувањето на државата. Новогодишната еуфорија за тоа време беше карактеристична, а Дирекцијата за култура и уметност на Скопје имаше полни раце работа. Да ги усреќи, да ги расположи и да им приреди незаборавна новогодишна програма на скопјани, и тоа не само за последниот ден од годината туку за цела недела пред почетокот на новата година.

Убави и безгрижни времиња

Доколку би сакале да се потсетите на едни поубави времиња за тоа како се прославуваше Нова година некогаш во метрополата, единствени сведоци за тоа се огромните класери преполни со фотографии во Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, лоцирана во централното градско подрачје.
И навистина, фотографиите се уникатни и единствени. На нив не може да се видат само прославата, дедомразовците, елката и украсите, туку среќни и безгрижни луѓе, на кои пречекот на Нова година навистина им претставуваше мотив за среќа и прослава.
Сликите сведочат за преполниот плоштад, за единството во кое живееше народот, бидејќи тогаш, за разлика од денес, немаше засебни прослави организирани во општините.
Во тоа време се знаеше. Се славеше на плоштадот „Македонија“, забавата почнуваше уште напладне за најмалите, програма имаше цела недела однапред, а главната прослава почнуваше напладне на 31 декември, кога со хеликоптер пристигнуваше Дедо Мраз од Лапонија. Дедо Мраз доаѓаше и со падобран, а заминуваше со балон….
И не е лага ако кажеме дека навистина фотографиите будат страшно големи емоции и носталгија.
– Тоа беа едни други, убави и безгрижни времиња, кога Нова година беше големо случување за сите. Тоа беше време во кое скопјани се договараа, кога се дотеруваа и со денови го организираа пречекот на новата година – вели Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност.
Во рамките на дирекцијата, од осамостојувањето до 2005 година, се реализирале и организирале програмата и целокупната организација за новогодишниот пречек.
– Уште во ноември се обраќавме до Градското собрание, каде што ги известувавме дека наскоро доаѓа Нова година и дека треба да се започне со подготовки. Набрзо добивавме потврден одговор со одреден буџет, кој ни беше ставан на располагање за организацијата – се присетува Глигоров.
Програмата била за сите генерации и возрасти. Децата биле категоријата граѓани на кои се посветувало најголемото внимание. Тие биле дел од украсувањето, од програмата, за нив имало специјални манифестации, кои се организирале за да измамат насмевка и радост на нивните лица.
– Во соработка со голем дел од скопските градинки, децата беа ангажирани за украсувањето и за китењето на дрвото бор, кое се наоѓа веднаш до кабинетот на градоначалникот. Тие имаа задача, заедно со своите учителки, рачно да изработат лампиони со кои потоа го украсуваа дрвото – вели тој.
Од неговото искуство има толку многу спомени што вредат да останат запишани. Од садењето елки со децата за Нова година во паркот „Жена-борец“, па до самата организација, тој не го крие задоволството за успешните организации на оваа свечена манифестација во минатото.
– Првата година организацијата беше заедно со ревијата „Екран“. Тие одбележуваа илјадити број и заедно со нас го организираа првиот пречек на Нова година. Втората година веќе градското собрание ни даде зелено светло за да почнеме со новогодишните подготовки. Со украсувањето на градот започнувавме во почетокот на декември. Тогаш украсувањето беше екстензивна работа, не како денес, а сакавме да биде украсено уште за католичкиот Божиќ. Сите светилки на елката беа обични светилки во боја. За сето тоа требаше време да се постави и декорира – вели тој.

Сите пееле бесплатно

Тој вели дека тогаш имало и предновогодишна програма, која траела седум дена пред официјалниот пречек. Улични свирачи стоеле на едната и на другата страна на Градскиот трговски центар, се одржувале концерти, секој ден имало по нешто ново.
– Вечерта за Нова година, гледавме да почнеме околу 19.30 часот, за да влеземе во вестите на Македонската радио-телевизија, но и за да имаме програма наменета за децата. Околу 21 часот имавме мал огномет, наменет за најмладата публика, бидејќи во тоа време децата си легнуваа доста рано, а потоа продолжуваше програмата за возрасните. Нема еден човек од тоа време што бил дел од естрадата, а да не учествувал во новогодишната програма – се присетува Никола.
Првата година, во 1990-та, добиле буџет од 600 илјади денари, кој бил стандарден за секоја Нова година. Сите пееле бесплатно, а потоа добивале скромен хонорар, меѓутоа ништо значително. Сите сакале да бидат дел од новогодишната ноќ, да пеат пред народот и заедно да се забавуваат.
– Огнометот го организираше „Сувенир Самоков“, кој точно на полноќ се активираше од кејот на Вардар – се сеќава тој.
Се работело на екстремни температури. И на сув студ и на снег. Она што низ насмевка ни го раскажа е токму доаѓањето на Дедо Мраз. Годините кога Дедо Мраз доаѓал со хеликоптер, хеликоптерот го земале од полицијата. Прво помалиот, но кога една година тој бил во дефект, од армијата на Република Македонија им го дале големиот хеликоптер, од кој активист на Црвениот крст се спуштил по скали на Камени мост.
– Една година имаше сув студ, снег немаше. Децата знаат дека Дедо Мраз има санка. Па го донесовме со хеликоптер, со објаснување дека тој е со санката на Водно, каде што има снег, и дека не може со санката да се спушти во градот, бидејќи нема снег. Имаше волонтер од Црвениот крст што знаеше да се симнува по скаличките, па тој облечен во облеката на Дедо Мраз се спушташе на Камени мост и веднаш влегуваше во куќичката наменета за настапувачите. Оттаму излегуваше Димче Мешковски, кој ги анимираше децата. Дедо Мраз беа и Благоја Чоревски и Душко Костовски. Дури испраќавме и пораки за децата од целиот свет, од Африка, од Азија… секоја година имавме и балон во кој Дедо Мраз заминуваше – вели тој.
Глигоров вели дека прославата воопшто не бил еднолична. Напротив, сите се забавувале, имало еуфорија кај народот.
– Скопјани се подготвуваа свечено за таа вечер. Се договараа, се дотеруваа. Сите имаа можност да проследат настап на естрадна ѕвезда по свој вкус. Многумина доаѓаа само да си ги видат омилените пејачи, па заминуваа во локалните кафеани. Немаше организиран пречек во секоја, во некои од нив слободно можеше да се влезе – раскажува тој.

Сериозен број посетители

Глигоров вели дека списокот со настапувачи го објавувале една недела пред пречекот, за да можат сите да видат чиј пејач кога настапува, за да можат да дојдат и да го видат.
– Годината кога за новогодишната ноќ настапи Горан Бреговиќ, паметам тогаш луѓе стоеја и од другата страна на Вардар за да гледаат – вели тој.
Од многубројните анегдоти, секако дел беше и сега веќе починатиот Амди Бајрам. Според сеќавањето на Глигоров, една Нова година, Бајрам сакал да биде спонзор, па, во соработка со тогашен „Метропол“, на плоштадот се делеле сендвичи со плескавици, кои ги платил токму Бајрам.
– Сѐ беше поинаку тогаш. Скопјани, а често и граѓаните од другите градови, со душа го чекаа овој период од годината. Имавме сериозен број посетители. Луѓе стоеја на Камени мост, луѓе имаше дури и каде што е сега триумфалната порта. Би рекол, повеќе од 20-30 илјади посетители. И секогаш организацијата беше на ниво на задачата. Немаше инциденти, бевме организирани и посветени максимално. Имаше пожарна, брза помош, полиција, ангажирани беа и специјални редари, кои го запазуваа редот. А и сите беа дојдени за забава, немаше насилство како денес – раскажува Глигоров.
Според него, една година успеале да го дополнат скопскиот плоштад со лизгалиште, кое не било како она на скопското Кале, но сепак било со восхит дочекано од граѓаните, а особено од децата.
– Кога го поставуваа лизгалиштето, тоа беше со цевки и фреон, нешто како фрижидерите што работат. Не беше целосно мраз, туку како пластика. Немаше некој огромен квалитет, но беше атракција и сите доаѓаа да се лизгаат – вели тој.
Глигоров вели дека денес сѐ е поинаку. Тие од 2005 година повеќе не се дел од организацијата на новогодишната ноќ, но и амбиентот повеќе не е како порано.
– Нема повеќе радост, нема организација и ентузијазам како порано. Сѐ е веќе сменето и поинаку – со доза жалење вели Глигоров.