– Сакам она што го подарувам да биде лично, со некој посебен детаљ само за личноста, а не нешто набрзина одбрано во целата новогодишна еуфорија. Бидејќи хоби ми се рачни изработки, најчесто подарувам накит и плетени парчиња, кои самата ги правам. Плетам ќебенце за мојот внук, за брат ми ќе испечатам чаша со фотографија, а на најблиската колешка ѝ купив фустан – вели Андријана Костадиновска.
– Подароци за најмладите, а за нас постарите доволно е да ја прославиме новогодишната вечер со фамилијата. Најсреќни за подароците се нашите внучиња, а годинава им купивме понекое парче облека и новогодишни пакетчиња. Новогодишната ноќ ќе ја прославиме во домашна атмосфера на која ќе се погрижиме да има побогата трпеза. Ние старите треба малку да внимаваме и на јадењето поради здравјето, затоа си посакуваме многу среќа и здравје – вели Ристо Ристовски.
– Секогаш како подарок за Нова година не одбирам нешто што мене ми прави задоволство, туку она што тие самите би сакале да си го купат за себе. Тоа за мене е златно правило. Понекогаш купувањето подароци зависи и од парите со кои располагам. Годинава на мајка ми ѝ купив еден голем комплет мали лажички, а на моето момче, фанкопоп-приврзок за клучеви од Боб Рос. За моите внучиња имам пакетчиња. Јас добив тавче за готвење од мајка ми, а момчето ми подари книга од Ване Костуранов – вели Наталија Јовановска.
– Многу ме радува кога на мојата драга внука ѝ го подарувам новогодишното пакетче во кое секогаш се трудам да има многу слатки изненадувања, затоа што тоа ја прави среќна и затоа што тогаш на нејзиното лице има една искрена долга среќна насмевка. Можеби најмалите се тие што најмногу се радуваат на новогодишните празници. Меѓутоа, подарувањето на некој од најблиските, макар и една добра книга, топло шалче или можеби една чоколада, секако е мал гест што ќе ги израдува. Најбитното е да научиме сами да даваме и да земаме од животот онолку колку што ни е потребно. Да бидеме среќни, затоа што среќата е најголемото богатство, а насмевката најубавиот подарок – вели Розита Чорева.
– Искрено, мислам дека порано повеќе се чувствуваше таа возбуда за празниците. Можеби и не е така, но некои работи се исти: подготвувањето на домот, китењето на елката, купувањето на подароците за најблиските, најмногу за внучињата. Можеби порано повеќе се купувало и тие подароци биле поскапи, но не е важно колку чинат, важно е да се дадат од срце. Важно е да се сетиме на тие што ни значат, што ги сакаме и почитуваме. Им подарувам на моите најблиски, на мојот сопруг и на моите четири прекрасни внучиња. Нивната радост, светнати очиња и брзањето да ги отворат новогодишните пакетчиња за да видат што добиле ме исполнува со радост – вели Васка Смоковска.
– Празниците се време за дарување и затоа купувам подароци. За најмалите, кои наедно и најмногу се радуваат, пакетчиња полни со слатки, играчки и облека. Роднините и пријателите најчесто ги изненадувам со некој клише подарок како накит, шал и капа, новогодишни украси и слично. Кога купувам за момчето размислувам да одберам нешто што нема да го очекува, но ќе му се допаѓа. Интересен начин на подарување е и играта „Тајниот Дедо Мраз“, која најчесто се игра во друштво или на работа. Сите купуваат подарок, па кому што ќе му се падне, при што неизвесноста и возбудата го подобруваат расположението – вели Матеа Кочовска.
– Секоја година си подаруваме убави моменти. А подарокот обично е нешто што некому му е желба или неопходно во периодот пред празниците, најчесто облека, чевли, предмети за домаќинство, како и многу слатки. За пријателите или роднините важи истото како за семејството, сѐ во зависност од можностите. Минатата Нова година со колегите си подарувавме лични предмети, кои сега имаат подлабоко значење за нас – вели Марија Лазарова.
– Најчесто прославувам со моите блиски луѓе, така ќе биде и сега. Поважно е да си поминеме во релаксирана атмосфера и да го одбележиме симболично почетокот на новата година. Посебни подароци не се потребни, доволни се добра храна и добро расположение. Затоа на сите им посакувам претстојните празници да ги прослават во мир, спокој, радост и убаво расположение. Нека новата година на сите во светот им даде мир, здравје среќа и радост – вели Коле Биневски.
– Празничната еуфорија сѐ повеќе спласнува поради потребата да се завршат секојдневните обврски и луѓето што ги познавам се позафатени. Но во дуxoт на божиќната еуфорија околу сплотеноста и дарувањето луѓето, сепак, се обидуваат да издвојат време и да уживаат во тие моменти. Нова година ќе ја поминеме со блиски пријатели и ќе си подариме по нешто симболично. Скоро се венчавме и треба да причуваме пари. Поважно во празничниов период ми е да си го поминам убаво времето со мојата сакана – вели Мето Јанакиевски.