Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според статистиката на Јавното сообраќајно претпријатие, за минатата 2021 година, биле извршени вкупно 206.289 контроли во градските автобуси. За повеќе од девет илјади граѓани што се возеле во автобусите на ЈСП, или поточно за 9.345 патници, биле поднесени записници, односно пријави. На 612 патници им биле одземени електронските картички, а им биле наплатени 2.513 билети на патници што биле фатени без платен билет во автобус. Јануари и февруари се месеците во кои има најголем број активности кога станува збор за неплатени билети. Во јануари биле поднесени 1.183 записници, додека наредниот месец 1.057 записници

СОВЕСНОТО КОРИСТЕЊЕ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ЗНАЧИ И ПЛАЌАЊЕ ЗА КОРИСТЕЊЕТО НА УСЛУГИТЕ НА ЈСП

Еден од најголемите проблеми за Јавното сообраќајно претпријатие се дивите патници, кои секојдневно на крајно неетички начин и „на грбот“ на другите патници, кои редовно си плаќаат за својот превоз, се качуваат во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие без да платат за возењето. Поради тоа, кај корисниците на автобускиот превоз се појавува гнев и револт, бидејќи велат дека таквото однесување е нефер кон нив.
И покрај тоа што од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, беше најавено дека автобускиот превоз ќе биде бесплатен за сите, сепак, тоа не е сѐ уште стапено во сила, односно, тоа е мерка што е невозможно да се спроведе прекуноќ, што автоматски значи дека патниците треба уредно да си плаќаат за своите билети, а не да се „шлепуваат“ на грбот на совесните, кои уредно си го плаќаат јавниот превоз.

ИМА ПАТНИЦИ ШТО ВООПШТО НЕ СЕ ГРИЖАТ ЗА МОРАЛОТ И СОЛИДАРНОТО ВОЗЕЊЕ ВО АВТОБУСИТЕ

Решение за дивите патници во јавниот превоз нема. И покрај честите контроли, некои од граѓаните воопшто не се грижат за моралот и солидарното возење во автобусите. Напротив, со огромна самодоверба влегуваат да се возат во автобусите, притоа видно задоволни дека го надмудриле системот, искористиле превоз за кој не платиле ниту денар од својот џеб.
За патниците што секојдневно се возат и плаќаат за своите билети, овој самобендисан начин е недозволен и крајно неетичен, посебно затоа што се возат токму на грбот на патниците што од својот буџет одвоиле финансиски средства за јавниот превоз.
– Секојдневно одам на работа и користам превоз од Бутел 1 до Бит-пазар и сведок сум речиси секојдневно на диви патници, кои со огромна самодоверба си се качуваат, не плаќаат и си користат превоз на наш грб. Не знам со кое лице така влегуваат и покрај тоа што се свесни дека сите патници забележале дека не платиле превоз, воопшто не им е грижа за тоа – вели Спиро Стојановски.
Тој нагласува дека во неколку наврати се обидел да им укаже, меѓутоа, освен проблеми, ништо друго не добил.
– Ме нервира таквото шерифско бестрашно однесување и токму поради тоа во неколку наврати на таквите патници им имам укажано дека тоа не е во ред. Наместо да си ја сфатат грешката, најчесто добивам закани, ми велат да не се мешам и да си гледам моја работа. Најтрагично е тоа што помеѓу овие патници има и стари и млади, од секоја возраст – вели тој.

КАКВИ СЕ ПОКАЗАТЕЛИТЕ ЗА ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОД ОД ЕДНА ГОДИНА

Од Јавното сообраќајно претпријатие велат дека сѐ е оставено на совеста на патниците.
– Во случајов, сѐ е оставено на совеста на патниците. Линиската контрола (контролори) е секојдневно на терен, токму за да ги санкционира патниците што го користат јавниот превоз без билет – информираат од ЈСП „Скопје“.
Според нивната статистика, за минатата 2021 година, биле извршени вкупно 206.289 контроли во градските автобуси. За повеќе од девет илјади граѓани што се возеле во автобусите на ЈСП, или поточно за 9.345 патници, биле поднесени записници, односно пријави. На 612 патници им биле одземени електронските картички, а им биле наплатени 2.513 билети на патници што биле фатени без платен билет во автобус. Јануари и февруари се месеците во кои има најголем број активности кога станува збор за неплатени билети. Во јануари биле поднесени 1.183 записници, додека наредниот месец 1.057 записници. Во првиот месец од годината биле наплатени 271 дополнителен билет, а во февруари 266. Во првиот месец од минатата година биле одземени дури 133 електронски картички.

[email protected]