Родители од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје бараат да се реши проблемот со еден ученик кој, според нив, носи ладно оружје во училиште и ги малтретира останатите ученици. Директорката на училиштето во изјава за МИА вели дека се преземаат сите законски мерки и дека во целиот процес се вклучени наставниот кадар и стручната служба.
Таа истакнува дека во училиштето се преземаат сите законски мерки во врска со ученикот и засилено е вклучувањето на наставниот кадар, стручната служба и директорот во периодот кога тој е присутен на настава. Вклучени се и останатите институции (Општина Аеродром, Педагошката служба при МОН, МЦСР, МВР, ДПИ).
– Во време кога се случи трагичниот настан во Белград сметам дека родителите треба да се воздржат од создавање на паника и да посветат поголемо внимание со своите деца. Стручната служба во училиштето во континуитет одржува работилница во врска со спречување на меѓуврсничкото насилство. Апелирам, родителите да го почитуваат куќниот ред и правилата во училиштето заради безбедност на учениците – вели директорката Анета Велкоска.
Родителите во писмо испратено до дел од медиумите апелираат да се реши проблемот. Тврдат дека се обратиле до Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Општина Аеродром и до социјалните служби, но дека од никаде немаат повратна информација. Според нив, ученикот носел нож во училиште и им се заканувал на учениците.
– Бојкотиравме и настава, свикавме и итна родителска средба во присуство на директорката на училиштето, каде што ни вети некои санкции. Првата беше постојано присуство на часови од личност назначена од директорот – тоа не се случи, зголемено надгледување од страна на дежурни наставници пред нивната училница зборот не беше одржан. Во меѓувреме се случија и други насилства. Истото дете постојано го ремети наставниот процес. Беше поднесено барање до дирекцијата на училиштето, Општина Аеродром и МОН, Центарот за социјало, за преместување на ученикот во друго училиште – се наведува во писмото од родителите.
Директорката на училиштето апелираше до медиумите да се внимава при пренесувањето на вакви сензитивни информации бидејќи, како што вели, самиот наслов во објавите предизвикува вознемиреност, а за веродостојност на целата ситуација предлага во иднина медиумите да побараат информации и од училиштето.
МИА побара одговор и од Министерството за образование и наука и од Општина Аеродром. Одговор добивме од Секторот за образование од Општина Аеродром од каде потврдуваат дека добиле поплака од родителите по што се обратиле до стручните служби на училиштето и оствариле состанок со директорката и стручните служби.
– На состанокот од страна на училиштето било посочено дека се преземаат сите законски мерки и дека максимално се работи за подобрување на состојбата. Оттаму посочуваат дека дополнително секторот е во постојана комуникација и со родителите преку советот на родители во училиштето со цел подобрување на образовниот процес. Општина Аеродром е во контакт со училиштето за овој случај – се вели во одговорот за МИА.
Од МОН во меѓувреме испратија соопштение во кое се наведува дека случувањата во нашето соседство вклучиле сериозен аларм дека институционалната, семејната и индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво.
– Младите денес растат во поинакви околности за разлика од минатото. Новите времиња носат поволности, нови достапни можности, но и многу нови фактори кои негативно би можеле да се одразат на однесувањето на децата и да доведат до ситуации со несакани последици. Бројни законски решенија, проектни мерки и активности досега се спроведени во оваа насока. Континуирано се зајакнуваат стручните психолошко – педагошки служби во училиштата, се спроведува советување на ученици и на родители на ученици со проблеми во однесувањето од различна природа. Се имплементираат проекти за заштита од насилство заедно со општествено одговорни компании и со меѓународни организации – велат од МОН.
Додаваат дека е започнато со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата и дека за утре е најавена средба со универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, социологијата, безбедноста и сајбер насилството и други.
– Очекуваме поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис заедницата и меѓународните партнери, кои и досега имаат важен придонес во напорите за заштита на правата на децата, за заштита на физичкото и менталното здравје, спречувањето на врсничко и неврсничко насилство и така натаму – велат од МОН.
По завршување на средбата ќе бидат соопштени заклучоците, односно препораките кои ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите.