Се реконструира основното општинско училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ во Општина Кисела Вода.
Во училиштето ќе се врши промена на покривната конструкција, ќе се постави нова термоенергетска фасада, а со изградбата на лифт за децата со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети, објектот ќе стане целосно достапен за лицата со посебни потреби.
– Се работи за стар училишен објект, граден во 1962 година. Постојниот покривен покривач е изведен од азбест, кој како штетен материјал, веќе не се употребува и е забранет. Фасадата е зачувана, но е потребна нејзина замена со енергетски ефикасна. Општина Кисела Вода го изработи проектот и аплицираше на јавниот повик на МОН, по што доби финансиски средства за овие градежни зафати. Наедно, ќе се гради и лифт за дечињата со посебни потреби што тука следат настава. Достапноста ќе ја зголемиме со изградба на пристапни рампи во целото училиште, тоалети за лица со инвалидитет. Предвидена е и изградба на паркинг-места за овие лица и дактилни патеки во дворот на објектот. Со тоа, ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе стане првото целосно инклузивно училиште во Скопје – изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Средствата за адаптација на училиштето за лица со посебни потреби се обезбедени преку проектот „Подобрена достапност на образовните установи за лица со попреченост“, во рамките на програмата „ЕУ за инклузивност – ИПА“, потпишан меѓу Владата и Европската комисија, чиј носител е МОН.
Во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ настава посетуваат 637 ученици. Има две паралелки со деца со оштетен слух и говор, а во повеќето од паралелките има ученици со посебни потреби.