Започна серијалот предавања во општинските училишта во Кисела Вода, посветени на препознавање и заштита од сајбер-насилство. Од почетокот на неделава, во согласност со претходно договореното со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, инспектори од СВР-Скопје, од ПСОН Кисела Вода, заедно со претставници на Црвениот крст преку кои се спроведува проектот, одржаа работилница во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“.
Дали ме малтретираат онлајн? Како можам да ја препознам разликата помеѓу шега и силеџиство на социјалните мрежи? Кои се ефектите од сајбер-силеџиство? Со кого треба да разговарам доколку некој ме малтретира онлајн и зошто е важно да пријавам? Ова беа само некои од прашањата за кои основците дебатираа со стручните лица, кои им дадоа насоки што ќе им помогнат да разберат што е сајбер-насилство, какви форми има, како да се справат со него и како да го спречат. Беа информирани и дека е отворена телефонска линија и електронска адреса на која сајбер-насилството може да се пријави. Секој што смета дека се соочува со сајбер-насилство може да се јави на 071 30 30 11 или на [email protected]
– Насилството во виртуелниот простор, за жал, е многу често, може многу лесно да се пренесе во реалноста и децата можат да бидат и физички загрозени. Токму затоа, Општина Кисела Вода, полицијата и Црвениот крст го отпочнаа овој проект за превенција преку едукација. Заедно со учениците, наставниците и родителите сакаме да ја кренеме свеста за сето она што може да се случи преку сајбер-насилство. Серијалот предавања ќе продолжи и во наредниот период низ сите општински училишта на оваа територија – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.