Неодамна започнаа реконструкција и дислокација на постојната водоводна мрежа на потегот од резервоарот Гази Баба до приклучокот на улицата Тајмишка во Гази Баба.
Како што истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со реконструкцијата на водоводната мрежа во три фази се решава долгогодишен проблем во овој дел од градот и се обезбедува поквалитетно водоснабдување за жителите во населбата Железара во Општина Гази Баба.

– Од резервоарот Гази Баба се снабдува со вода т.н. висока зона, со која се опфатени териториите на општините Чаир и Гази Баба, и цевковод Ф-250, кој поминува по траса што е непристапна за интервенции при појава на дефекти на истата таа. Зачестените дефекти на цевководот Ф-250 во изминатиот период ја наметнаа потребата за реконструкција и дислокација на истиот тој – посочи директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.

На терен се реализираат градежните активности од првата фаза или крак 1 за реконструкција на постојната водоводна мрежа на потегот од резервоарот Гази Баба до приклучокот на улицата Тајмишка. Со реализацијата на првата фаза ќе се создадат услови и за реконструкција и продолжување на цевководот Ф-200 по улица Душан Тасковиќ, до приклучокот на улицата Коце Металец во населбата Железара, со што ќе се формира циркулациски тек, што ќе овозможи подобро водоснабдување во овој дел од Скопје.

– Реконструкцијата и дислокацијата на водоводната мрежа во парк-шумата Гази Баба е од големо значење за жителите на Гази Баба, кои со реализацијата на овој проект ќе добијат поквалитетно водоснабдување – истакна градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.