Кога се оди во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи треба да се носат облека со светла боја што го покрива телото, со долги ракави и ногавици, капа на главата и, секако, да се употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката. При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката, да се испере и да се направи детален преглед на телото

ПРЕТПАЗЛИВО ПРИ ПОСЕТА НА ПАРКОВИТЕ И ИЗЛЕТНИЧКИТЕ МЕСТА

Секоја пролет со порастот на интензитетот на врнежите, тревните површини нагло се зголемуваат и згуснуваат. Сето тоа е предуслов за појавата на крлежи, кои овој период од годината во најголем број ги има низ парковите во метрополата. Граѓаните веќе почнаа да ги пријавуваат случаите на каснати од крлежи, особено кај децата, но и кај домашните миленици. Факт е дека надлежните не можат да преземат ништо против појавата на крлежи, па токму затоа најдобрата мерка за заштита е зголемување на претпазливоста и избегнување високи тревни површини каде што, всушност, и може да се добие убод од крлеж.

ПАРКОВИТЕ ПОЛНИ СО КРЛЕЖИ

Скопје изобилува со излетнички места и локации за рекреација на граѓаните и сите тие се богати со зелени тревни површини, а токму бидејќи сезоната на крлежи е веќе наголемо започната, потребна е голема претпазливост при посетата на овие места. Градскиот парк, Марков манастир, Пеленица, Скопска Црна Гора, Водно, кејот покрај реката Вардар и Кучково се најчесто посетените места за рекреација од страна на жителите на Скопје, а токму и на тие локации најчесто граѓаните или нивните домашни миленици „заработуваат“ убоди од крлежи. Некои од рекреативците што контактираа со нас ги пренесуваат своите искуства.

– Крлежи има како и секоја година и тоа не е ништо ново. Треба да знаеме дека кога посетуваме вакви локации треба да носиме долги панталони, да се заштитиме, па и да ги избегнуваме. Крлежите ја сакаат младата трева, онаа пролетната, во лето веќе сликата е друга. Тогаш тревата од жешкото време е веќе пожолтена и појавата на крлежи е намалена. Ете, иако ги знам сите препораки, сепак, пред неколку дена моето куче фати крлеж, па бевме на ветеринар за да му го отстранат – вели Наталија Бошковска.

Сепак, според граѓаните, ова е голема опасност за малите деца, кои не сакаат ограничувања и не сакаат да имаат забрани за движење.
– Со мали деца навистина е комплицирано да се ограничи движењето. Кога ќе им кажеш „таму не“, тие како за инает баш таму сакаат да одат. Од тие причини периодов шетаме на отворено, на места каде што нема висока трева, на места каде што не постои опасност од крлежи – вели таа.

ШТО ПРЕПОРАЧУВААТ ЕКСПЕРТИТЕ

Според Николина Соколовска, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје, крлежите се паразити на луѓето и животните, кои можат да пренесат патогени што причинуваат различни заболувања.
– Она што како превентива треба да го направат граѓаните е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека со светла боја што го покрива телото, со долги ракави и ногавици, капа на главата и, секако, да се употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката. При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката, да се испере и да се направи детален преглед на телото, особено да се обрне внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, препоните, папокот, зад колената – вели таа.

Она што граѓаните како мерка треба да го преземат доколку се закачил крлеж е негово итно отстранување. Соколовска вели дека вадењето треба да биде со дезинфицирана пинцета или конец поставена најдолу до усниот апарат, а не со масло, ацетон, крем, солен раствор.

– Местото на убодот да се дезинфицира. Треба да се внимава да не остане дел од усниот апарат во телото, во тој случај мора да се посети лекар, хируршки да се отстрани. Се препорачува извадениот крлеж да се однесе на анализа (дали е заразен или не и за кој вид се работи), бидејќи не е секој крлеж инфициран, но исто така и инфициран крлеж автоматски не му пренесува инфекција на човекот – потенцира таа.
Соколовска нагласува дека луѓето што чуваат миленичиња мора и нив редовно да ги контролираат и заштитуваат со соодветни препарати за дезинсекција по препорака од доктор по ветеринарна медицина.

– Крлежите интензивно се појавуваат по дожд и на места каде што има висока и неодржувана трева. Затоа како превентивна мерка е потребно редовно косење на тревата во приватните и јавните паркови. Сега е период кога интензивно се појавуваат низ парковите и затоа е потребно да се изврши дезинсекција. Тоа е надлежност на единиците на локална самоуправа – нагласува Соколовска.
Крлежите пренесуваат разни болести, па затоа, доколку граѓаните забележат црвенило, исип, температура веднаш треба да посетат лекар.
– Крлежите се преносители на патогени што предизвикуваат енцефалитис, лајмска болест, рикециоза, бабезиоза, ерлихиоза, хумана гранулоцитна анаплазмоза и други – заклучува таа.