По иницијатива на градоначалникот, со поддршка на претставници од сите советнички групи од Советот, поднесено е барање за затворање на улицата Боемска 2 за автомобилски сообраќај. Во моментов се разгледува барањето од сопствениците на локали за измени на постојниот правилник, по кој моментално постапува и Општина Центар, и донесување нов, ревидиран правилник за поставување урбана опрема
БОРБА ЗА ПАРКИНГ-МЕСТО ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР, СКОПЈЕ
Општина Центар е една од локалните единици на самоуправа каде што има најголем проблем со паркинг-простор. Поради атрактивноста на општината, многубројните локали, фирми, продавници и други атрактивни локации, во оваа скопска општина се бара паркинг плус. Ситуацијата е најсериозна на локациите каде што се сместени голем број угостителски објекти, чии посетители ги паркираат своите возила во непосредната близина на локалите во кои седат. Дополнително, угостителите за време на летниот период поставуваат летни тераси, кои ги оградуваат за да не им пречат минувачите, па пешаците веќе немаат каде да се движат. Ниту можат да се движат на улица, поради возилата, ниту пак на тротоарите, кои се делумно заградени за употребен простор од страна на угостителите. Ваквиот проблем, на штета на пешаците, станува алармантен, па токму затоа општинските власти одлучија да се зафатат со решавање.
ПРОСТОР ЗА ВОЗИЛА, ЗА ЛЕТНИ ТЕРАСИ, А ЗА ПЕШАЦИ НИКАДЕ?!
Никој не ни можеше да замисли колку проблеми ќе произлезат од отворањето на Боемска улица 2 пред неколку години. Во Редакцијата граѓаните постојано алармираат дека немаат каде да пешачат на оваа улица, бидејќи таа е преполна со маси, столчиња и автомобили.
– Со количка и мало дете немам каде да се движам. Преблокирана е улицата, што од возила што од летни тераси. Некои од угостителите дури и си ги заградиле терасите, за ние, пешаците, да не им пречиме и да не се движиме помеѓу гостите. Да, знам дека сите сакаат со возило да одат што поблиску до локалот, а угостителите сакаат да имаат што е можно повеќе маси, но мора да се мисли и на нас пешаците – вели Мила Јордановска, мајка на бебе, која неодамна шетала на оваа атрактивна улица во Центар.
Дека како граѓани немаме никаква сообраќајна култура говори и фактот што долго време на булеварот Партизански одреди се правеше огромна редица од паркирани возила со вклучени четири трепкачи, само за посетителите на едно кафуле да го испијат своето кафе. Тоа беше проблем што траеше долго време, сѐ додека надлежните не одлучија неговото решавање да биде во соработка со полицијата, која строго ги санкционираше сите непрописно паркирани на булеварот.
– Никаде во светот возачите не се однесуваат како што се однесуваат тука. Да можат, со автомобилите ќе влезат буквално во дворот на локалите. Блокираат цели булевари и улици, пешачки и велосипедски патеки, само да не пропешачат некој километар. Никој не смее да трпи на сметка на возачите, кои го имаат речиси половина Скопје во паркиралишта – вели Благоја Манески, велосипедист, кој редовно со својот велосипед оди на работа во скопски Центар.
БОЕМСКА 2 ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ ЗА СООБРАЌАЈ
Општинските власти велат дека поради безбедносни причини на улицата Боемска 2, по иницијатива на градоначалникот Горан Герасимовски, се одржале неколку работни состаноци со сообраќајната полиција за наоѓање решение за моменталната состојба.
– По иницијатива на градоначалникот, со поддршка на претставници од сите советнички групи од Советот, поднесено е барање за затворање на улицата Боемска 2 за автомобилски сообраќај. Во моментов се разгледува барањето од сопствениците на локали за измени на постојниот правилник, по кој моментално постапува и Општина Центар, и донесување нов, ревидиран правилник за поставување урбана опрема. Барањето на угостителите е поддржано од дваесетина советници во Советот и е во процедура. Сопствениците и управителите на локалите започнаа да поднесуваат барања за поставување урбана опрема по постојниот правилник до Општината и доколку ја поседуваат целата потребна документација и е испочитувана постапката, Општината ќе им издаде одобренија за користење јавна површина – информираат општинските власти.
ЖИТЕЛИТЕ КОНЕЧНО СО ПАРКИНЗИ ПРЕД ЗГРАДА
Проблемот со паркирање во оваа скопска општина е толку сериозен, што јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар одлучи да воведе резидентно паркирање на улицата Орце Николов во Дебар Маало, за да им овозможи на жителите на оваа улица непречено да паркираат пред паркинзите лоцирани пред нивните домови.
– Во согласност со одлуката за усвојување на правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење за Општина Центар-Скопје на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар-Скопје, паркиралиштата на ул. Орце Николов (на потегот од бензинската пумпа „Макпетрол“ до ул. Рузвелтова) ќе бидат резидентни паркиралишта наменети за станарите и жителите што живеат во опфатот на станбените единици со непарни броеви од бр. 69 до бр. 147 и со парни броеви од бр. 84 до бр. 146. Сите жители што живеат на оваа улица и поседуваат сопствено патничко моторно возило треба да извадат повластена паркинг-карта преку мобилната апликација на ПОЦ, веб-платформата www.poc.mk или во катната гаража „Судска палата“. Жителите што веќе поседуваат повластена паркинг-карта за Зона Ц треба да направат промена на зоната за да можат непречено да ги користат резидентните паркиралишта – информира ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар.
По донесувањето на оваа одлука, жителите на оваа улица велат дека конечно ќе можат да најдат паркиралиште што нема со километри да биде оддалечено од нивните домови.
Тие велат дека проблемот им бил доста сериозен, бидејќи на оваа улица, исто како и на Боемска, има голем број атрактивни угостителски објекти, чии посетители ги паркирале своите возила, па тие, како жители на оваа улица, морале да паркираат на околните улици.