НОВАТА АМБУЛАНТА ВО НАСЕЛБАТА БУТЕЛ НИКАКО ДА ПРОФУНКЦИОНИРА

Веќе подолго време, иако е целосно готова, не може да се пушти во употреба новата амбуланта во населбата Бутел и пациентите се лекуваат во крајно несоодветни и супстандардни услови во привремен објект. „Нова Македонија“ истражуваше и откри дека причина за ова е пропуст во изведбата, односно новиот објект бил изграден врз цевка за вода од која жителите на Бутел се снабдуваат со вода

Турканици и голем метеж, несоодветни услови за работа и за здравствените работници и за лекување на пациентите се секојдневната слика во привремената амбуланта во општината Бутел, која трае веќе подолго време. Лоцирана во непосредна близина на Полициската станица – Бутел, секојдневно на оваа локација редици пациенти го чекаат својот ред, а во време кога коронавирусот го достигнуваше својот врв, пациентите беа принудени да чекаат надвор, за да спречат ширење на вирусот. И сега состојбите се слични.

СЕ РАБОТИ ВО СУПСТАНДАРДНИ УСЛОВИ

И покрај тоа што веќе одамна е изградена новата поликлиника во општината Бутел, кај зградата на општината, сепак, пациентите сѐ уште не го дочекале нејзиното отворање за во нормални услови да се лекуваат.

Велат дека кога имаат потреба да одат на преглед се соочуваат со мизерни услови во привремената амбуланта, во која се сместена неколку матични лекари со својот персонал. Објектот има тесен заеднички ходник за сите, во кој можноста за зараза е поголема, особено во време на повторно пламнување на пандемијата на ковид-19.
Метеж, турканици, редици од болни пациенти и крајно несоодветни услови се постојаната слика што може да ја видите.
– На лекување се знае кој доаѓа. Болни и луѓе што имаат потреба од доктор. Замислете, болни и со температура да стоите да чекате ред надвор, во секакви услови, независно дали врне, дува дали паѓа снег или, пак, постои ризик од топлотен удар. И самите лекари нѐ молат да чекаме надвор, затоа што внатре навистина ниту има место, ниту пак има каде да се застане – вели Владимир Трајановски, жител на оваа општина.

Дека функционираат во релативно лоши услови потврдува и медицинскиот кадар што работи таму. Велат дека најголем проблем им било да работат за време на пандемијата и дека сега, кога се најавува нов бран од ковид, повторно ќе се соочуваат со старите проблеми. Санитарните и хигиенски услови исто така се многу лоши.
– Постои ризик сите ние како вработени да се заразиме. Во такви услови навистина не се работи. Секојдневно доаѓаат голем број пациенти, на кои сме принудени да им кажуваме да чекаат надвор, бидејќи тука нема место. Нема простор ниту ние да поминеме. Дополнително, условите се привремени, значи не може да се работи долгорочно. Најголемата иронија е тоа што постои изграден нов објект, во кој ќе имаме комоција да работиме, а ќе има и основни услови за нашите пациенти да можат да се лекуваат, а сепак, сѐ уште не сме преселени во него. Причината не ја знаеме, но се надеваме дека наскоро ќе почнеме да работиме таму – вели медицинскиот персонал што работи во привремените простории, во близината на полициската станица.

ВО СЛЕДНИОТ ПЕРИОД ЌЕ СЕ НАПРАВИ ПРИКЛУЧОК КОН ВОДОВОДНАТА МРЕЖА

Од Министерството за здравство велат дека со цел подобрување на условите на вработените и на пациентите во здравствениот сектор, извршена е реконструкција на амбулантата во Бутел.
– Изведен е приклучок кон електродистрибутивната мрежа на ЕВН, а во следниот период, по барање на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, потребно е да се направи дислокација на примарна инфраструктурна водоводна цевка и да се изведе приклучок кон водоводната мрежа, во согласност со стандардите и нормативите за ваков вид приклучоци. Во постојана координација се одржуваат работни состаноци со надлежните во јавното претпријатие и се дефинирани потребните чекори за целосна реализација и што побрзо ставање во употреба на амбулантата – информираат од министерството.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, пак, информираат дека објектот што е изграден и наменет за нова поликлиника во општината Бутел бил изграден врз водоводна цевка од која се снабдуваат со вода жителите на Бутел 1.
– Тие од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје побараа нов водоводен приклучок, односно реконструкција на постојниот за новиот објект – амбуланта Бутел 1, која се наоѓа на ул. Краишка бб, па како одговор на нивното барање претпријатието извести дека по увидот во катастарот со податоците за постојни подземни инсталации – ГИС и увидот на самото место е констатирано дека под фундаментот врз кој сега веќе се намести новиот монтажен објект за амбуланта Бутел 1 поминува водоводна цевка ф300мм. Се работи за голем цевковод, кој е потисен, што значи дека со помош на постојната пумпна станица Бутел и овој цевковод ф300мм се водоснабдуваат улиците, односно објектите во населбата Бутел 1 – информираат од водоводното претпријатие.

Од претпријатието информираат дека напоменале дека заради безбедносни причини, заради создавање услови за нивна идна интервенција и одржување на овој цевковод задолжителна е негова дислокација од оваа сегашна положба под бетонскиот фундамент, затоа што во случај на евентуален дефект штетите што би биле направени најмногу би го погодиле самиот објект.
– Заради горенаведеното побаравме дислокација на делницата што поминува под објектот и помогнавме во избор на траса на предметната дислокација во рамките на дворот на амбулантата. За да може да се пристапи кон дислокација на делницата на ф300мм, која поминува под објект, ги известивме дека треба да се изработи техничко решение за парцијална дислокација, кое треба да биде ревидирано од наша страна и изведбата на дислокацијата да биде под наш мониторинг. Откога ќе биде завршено со изградбата на предметната дислокација ќе се создадат услови амбулантата во населбата Бутел 1 да добие соодветен приклучок на постојната водоводна мрежа.

Димензиите на приклучокот се пресметани од страна на проектантот на мобилните амбуланти и со него треба да бидат предвидени количествата вода за санитарна потреба и за противпожарна заштита на новиот објект – информираат од „Водовод и канализација“.