Фото: Маја Јаневска-Илиева

Она што сега најмногу ги загрижува граѓаните се најавените ниски температури, кои се очекува да паднат и десет степени под нулата. Северниот ветер и ниските температури се закануваат да ги замрзнат остатоците од снегот, но и водните површини како последица од неговото топење. Општините велат дека граѓаните не треба да се грижат, бидејќи се подготвени и за појавата на голомразица, која е карактеристична за овој период од годината

ЗИМСКИТЕ ОПШТИНСКИ СЛУЖБИ СЕ ПОДГОТВУВААТ РЕШИТЕЛНО ДА ОДГОВОРАТ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ЗИМАТА

Општините и градските власти не беа изненадени од снегот што неодамна интензивно паѓаше во главниот град. Граѓаните се задоволни од брзата реакција на надлежните, но реагираат дека голем број жители на Скопје, и покрај тоа што постојано на социјалните мрежи „фрлаат отровни стрели“ по надлежните дека не се реагира доволно брзо, сепак, не го исчистиле снегот пред своите врати, туку, напротив, и снегот од сопствените дворови го фрлале на општинските и градските улици.

ПОФАЛБИ ЗА ОПШТИНИТЕ, КРИТИКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Неодамнешниот снег, кој за граѓаните беше видно изненадување, сепак, не беше изненадување за општинските власти во Скопје. Граѓаните се задоволни од брзата реакција на надлежните, велат дека доста експресно се пристапило кон чистење на снегот.
– Она што е за пофалба треба да се пофали, она што не е – не. Живеам во Бутел и навистина сум дури пријатно изненадена од реакцијата на надлежните. Кај нас во Радишани е високо и стрмно, па секоја зима имаме проблеми со снегот. Општинските работници беа присутни на терен, го чистеа снегот, фрлаа сол и навистина ја исчистија целата населба. Сите улици беа проодни – вели Зоре Митревска.
На социјалните мрежи граѓаните на Булачани ја поздравија работата на општинските работници на Општина Гази Баба. Велат дека во експресно време биле исчистени и заштитени улиците од замрзнување.
Сепак, она што можеше да се види при првиот снег во Скопје се старо-новите проблеми на метрополата. Граѓаните во ниту еден случај не сакаат да „помогнат“ во чистењето на снегот.
Пред дворовите на куќите и околу зградите, снегот никој не го чистеше. Сите чекаа снегот сам да се стопи, што, за волја на вистината, и се случи.
– Ретки се тие што сами земаат лопата во рака и ја почитуваат законската обврска да си исчистат пред дворовите од куќите или зградите. Напротив, многумина од тие што чистеа, снегот го фрлаа на локалните општински улички, со надеж дека општинските работници ќе им ја завршат работата – вели Маријан Тодевски.

ГРАЃАНИТЕ ДА БИДАТ СПОКОЈНИ, ОПШТИНИТЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПОЈАВАТА НА МРАЗ

Она што сега најмногу ги загрижува граѓаните се најавените ниски температури, кои се очекува да паднат и десет степени под нулата. Северниот ветер и ниските температури се закануваат да ги замрзнат остатоците од снегот, но и водните последици од неговото топење.
Општините велат дека граѓаните не треба да се грижат, бидејќи се подготвени и за појавата на голомразица, која е карактеристична за овој период од годината.
– По снежните наноси, во Општина Бутел се исчистија сите споредни и локални улици што се под надлежност на Општината. Беа опфатени сите населени места, почнувајќи од најкритичните повисоки населени места во нашата општина, а тоа се селата Љубанци и Љуботен и населбата Радишани. Исчистени беа и улиците во населените места Радишани, Бел Камен, Расадник, Љуботенски Пат, Кучевишка Бара, Бутел, Бутел 2, Визбегово и Скопје Север – информираа општинските власти.
Оттаму додадоа дека ги исчистиле и најфреквентните места во општината, како што се влезовите во градинките, амбулантите, банките, маркетите, пазарите и пешачките патеки.
– Граѓаните на општината Бутел немаат никаква потреба од дополнителни грижи дека ќе имаат проблеми со замрзнати или неисчистени улици од снежните наноси. Наедно, Општина Бутел располага со доволно количество сол и механизација за да ги сервисира барањата на граѓаните и соодветно да се справи со снежните наноси. Исто така, во функција е и општинскиот кризен штаб, кој располага и со дежурни екипи за навремено да се опслужат барањата и потребите на граѓаните – потенцираат од Бутел.
Од Центар, пак, информираат дека зимската служба е подготвена, така што жителите не треба да се грижат од појава на голомразица.

– Зимската служба, реагирајќи на пријави на граѓаните, излегува на терен, ги расчистува подмрзнатите коловози на улиците, а по потреба и на сите критични точки во општината, особено во подножјето на планината Водно – велат оттаму.
И локалната власт на Аеродром вели дека се подготвени да се справат со појавата на голомразица, која е голем проблем за жителите во овој период од годината.
– Општина Аеродром има обезбедено 200 тони сол, а има и сопствени возила и механизација за чистење снег и мраз. Активиран е и кризен штаб со кој директно ќе раководи градоначалникот Тимчо Муцунски. Штабот ќе се грижи за реализација на донесениот план, чија цел е да обезбеди олеснет пристап и движење на граѓаните во зимски услови. Подготвени сме секоја улица што е под надлежност на Општина Аеродром да биде исчистена од снежни врнежи, а презедовме активности за навремено известување на физичките и правните лица за законските обврските што тие исто така ги имаат за време на снежните врнежи. Во колективните станбени згради одржувањето на јавната чистота се задолжува да ја врши куќниот совет или управителот – информираа од Аеродром.
Со оглед на тоа што Општина Карпош на својата територија има населени места што се лоцирани на висок и стрмен дел од градот, оттаму истакнаа дека во согласност со капацитетот на механизација за чистење на улиците во зимски услови со која располагаат, приоритетни места за чистење се потешко пристапните локации, како Жданец, Трнодол и Бардовци.
– Ги расчистуваме и другите сервисни улици што се наоѓаат на нашата територија. Во случај температурите да паднат под нулата, нашите служби се подготвени да реагираат така што со соодветна механизација ќе распрскуваат емулзиска течност по коловозот – нагласија до Општина Карпош.