Фото: Пиксабеј

Во текот на утрешниот ден предвидени се активности за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод. За оваа цел изготвен е оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат, информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

– Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во општината Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на шест сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода. Со затварање на главниот градски цевковод Ф 1600 милиметри поради санација на пет затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот Партизански одреди со улицата „Никола Парапунов“ ќе се изврши замена на нефункционален затварач Ф 400 милиметри на кружен тек во Ѓорче Петров, репарација на затварач Ф 600 милиметри на мост Обединети нации кој тече, заптивање на затварач Ф700 милиметри на булеварот Партизански одреди кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, санација на затварач Ф 700 милиметри и Ф 500 милиметри на улица „Никола Парапунов“, замена на четири водушни вентили – велат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека согласно оперативниот план за санација на затварачите на градска водоводна линија Ф 1600 милиметри, сектор Водовод презема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.

Во процесот на активности, како што велат, сектор Водовод првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф 1600 милиметри. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност Сектор Водовод со екипи составени од шест пункта носители на работата со обезбедена испомош на конкретни работници од други пунктови ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот.

– Акцијата е предвидена на 21 декември, односно сабота со почеток во раните утрински часови кога сите екипи на Секторите ЕОК, Механизација и Водовод ќе бидат на предвидените локации. Се очекува оваа операција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод. Апелираме до сите јавни чинители да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколку часовното немање вода. Овој сериозен зафат се презема за да се превенираат состојби на дефекти како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти – информираат од водоводното претпријатие.