Хаотично паркирани возила, луѓе од сите страни, фрлени остатоци од храна, кутии од цигари, догорчиња, мирис на урина, па измет, во изминатиот период може да се забележат на паркингот спроти новоизградениот трговски центар во Крњево.
За да биде иронијата уште поголема, жителите велат дека со паркирањето имаат проблем и на другите улички зад паркингот, бидејќи таму нема место за сите возила што одат на таа локација
ПОГЛЕД КОН КРЊЕВО, СКОПСКАТА ЦРНО-БЕЛА СЛИКА ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО
Неуредно паркирани возила, секаков смет и хаос е сликата што подолго време ги мачи жителите на Крњево, кои живеат спроти новоизградениот трговски центар. Па, така, од едната страна на улицата имаме светски трговски центар, урбана и луксузна средина, а од другата страна, само на неколку метри, врие од ѓубре, смрди на урина и владее целосен сообраќаен хаос. Жителите на овој дел од градот реагираат дека состојбата е веќе неподнослива и бараат начин да се среди овој проблем, кој е причина за голем број други проблеми.
ПРОБЛЕМИ ЗА ЖИТЕЛИТЕ
Хаотично паркирани возила, луѓе од сите страни, ѓубре од храна, кутии од цигари, догорчиња, мирис на урина, па и измет, во изминатиот период може да се забележат на паркингот спроти новоизградениот трговски центар во Крњево.
За да биде иронијата уште поголема, жителите велат дека со паркирањето имаат проблем и на другите улички зад паркингот, бидејќи таму нема место за сите возила што одат на таа локација.
– Одеднаш ни се случи невиден хаос, што од сообраќај, што од ѓубре и неодговорни посетители. Повеќе не се трпи и затоа решивме да реагираме до вашиот медиум, со надеж дека нешто ќе се смени на подобро. Имаме мали деца што трчаа и играа фудбал тука пред да се изнафрлаат еден куп ѓубре и отпадоци и пред да се паркираат десетици возила. Живееме во непосредна близина на централното градско подрачје, а се справуваме со невидена нехигиена и неодговорност – вели Сандра Јовановска.
Како што велат жителите, имаат проблем со узурпирани улички, кои и онака се тесни, па едвај можат да се движат низ нив.
Дополнително, ни се паркираат и возила на тротоарите, па ние што живееме тука немаме како да поминеме со нашите возила, а ги блокираат и нашите места за паркирање – вели таа.
ВО ПРИВАТЕН ИМОТ НАДЛЕЖНИТЕ НЕ МОЖАТ НИШТО
Според информациите од надлежните, решение за овој проблем, за жал, нема, па граѓаните ќе продолжат да се справуваат како знаат и умеат со секојдневието што им предизвикува главоболки.
Од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ велат дека по ова прашање не можат да направат ништо.
– Со оглед на тоа дека поголемиот дел од паркиралиштето спроти „Ист гејт“ во населбата Крњево е приватен имот, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ нема надлежност да преземе какви било дејства на таа парцела. Непрописно паркираните возила што ги блокираат тротоарите и уличките се одговорност на сообраќајната полиција, која треба да издаде налог за нивно отстранување и преместување. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ не може да преземе никакви активности во овој дел на Центар, бидејќи профилот на улиците, за жал, не дозволува улично паркирање – информираат од ЈП ПОЦ.