Човечки измет, дамки од урина, ужасна и брутална реа што ги распарува сетилата за мирис, па и белите дробови, е само мал дел од мојот обид на читателите да им го доловам чувството доколку се одлучат да преминат улица на пешачкиот мост лоциран на еден од најголемите и најпознати пазари во метрополата – Бит-пазар

Факт е дека сите треба да ја почитуваме сообраќајната сигнализација и строго да се придржуваме кон неа. Тоа, едноставно кажано, значи дека пешаците треба да се движат на места предвидени за нив, да ги преминуваат улиците онаму каде што им е дозволено тоа со пешачки премин, а истото тоа важи и за другите учесници во сообраќајот. За оваа категорија граѓани има и пешачки подвозници и надвозници, а еден од тие изградени со идеја пешаците безбедно да преминуваат улица, целосно ја загуби својата намена и доби погрешна намена.

„ЌЕ ПРЕТРЧУВАМ НА УЛИЦА, НО ТАМУ НЕ ОДАМ“

Човечки измет, дамки од урина, ужасна и брутална смрдеа што буквално ги распарува белите дробови е само мал дел од мојот обид на читателите да им го доловам чувството доколку се одлучат да преминат улица на пешачкиот мост лоциран на еден од најголемите и најпознати пазари во метрополата – Бит-пазар.
Доколку некој од пешаците одлучи да премине улица на безбеден начин, користејќи го надвозникот, можеби ќе се спаси да не биде прегазен од возило, но со сигурност нема да се спаси од бактериски инфекции, згрозување, па дури и нагони на повраќање доколку само се качи на пешачкиот мост.
Големата бројка граѓани што секојдневно се тука, а кои имаат потреба да го користат мостот, одамна ја прескокнуваат таа опција, бидејќи, како што велат, одвратно им е да гледаат, а камоли да се осудат да пешачат на него.
– Ова го нема ниту во штала, би рекла, навредливо е и за животните ова да се каже. И тие знаат каде треба да вршат нужда, се тргаат настрана, за да не седат во сопствениот измет. Ама затоа ние, луѓето, надоместуваме и за нив. Еден од најголемите пазари, тука е Старата скопска чаршија, најпознатите ресторанчиња, бурекчилници, продавнички, тезги…, тука доаѓаат цела Македонија и туристите. Дали е ова максимумот што можеме да го дадеме од себе? Немам зборови, згрозена сум, шокирана сум… – револтирано ни изјави Весна Димовска, редовна посетителка на пазарот.
Токму изметот и урината од кои нема место каде да се згазне се главната причина поради која веднаш под мостот, на оваа локација има наплив на пешаци, иако тој пешачки премин е див и нема никакво обележување наменето за возачите и за пешаците.
– Подобро автомобил да ме згази, отколку да газам во туѓ измет. Ќе претрчувам тука, ама на мостот никогаш нема да поминам. Се осудив еднаш со две малолетни деца и никогаш повеќе. На деца од четири и три години им велев да не дишат, за да не фатат некоја бактерија, да цупкаме како да играме оро за да ги избегнеме фекалиите…, грозно и одвратно. Нам само ригорозни казни ни требаат – вели Синиша Стоиловиќ, кој неодамна со своите деца ја видел реалната слика на мостот.

НАДВОЗНИКОТ ЦЕЛОСНО ДА СЕ ЗАТВОРИ?!

Многумина револтирано бараат мостот целосно да се затвори, да не може никој да се качува, бидејќи реата што се шири оттука, на овие пеколни горештини, веќе се чувствува и кај тезгите во неговата близина.
– На овие високи температури, замислете како е да работите речиси осум часа со постојан мирис на фекалии. Ние знаеме и свесни сме дека кога некој ќе се качи на мостот оди за да се олесни, но немаме што да правиме. Ние ништо не можеме да преземеме. Можеме само да се надеваме дека некогаш, како сите светски метрополи, и ние ќе можеме да имаме мост што на никој начин нема да се користи како јавен тоалет, бидејќи знаеме дека овој мост не е единствениот што се користи како јавен тоалет. И другите мостови, односно просторот под нив, на големо се користат за извршување физиолошки потреби – вели човек што има тезга во непосредната близина на надвозникот.

ШТО ВЕЛАТ ОД ГРАДОТ

Една од главните причини поради кои надвозникот е полн со фекалии, наместо со пешаци, е фактот што веднаш под него има див необележен пешачки премин, кој се користи од страна на пешаците.
Градските власти информираат дека во согласност со сообраќајниот режим, на тоа место од булеварот кај Бит-пазар не е предвидено да постои пешачки премин од причина што другите пешачки премини се во негова непосредна близина.
– Град Скопје постапува во согласност со потребите и интересите на граѓаните, но за да може да се затвори тој пешачки премин, треба да се воспостави алтернативно преминување, кое ќе биде функционално за граѓаните, односно користење на натпатникот или пешачкиот мост – информираат од градот.
Оттаму додаваат дека натпатникот кај Бит-пазар е донација од Општина Чаир, за која своевремено, кога таа е поставена, не е донесена одлука од Советот на Град Скопје за примање во надлежност на Град Скопје, па, според тоа, самото одржување на објектот не е во нивна надлежност.
– Апелираме до граѓаните да не вршат дејства за кои по Законот за јавна чистота и други законски прописи се предвидени прекршочни глоби, како и доколку забележат такви дејствувања од поединци во насока на уништување на јавните површини да реагираат соодветно во службите на Град Скопје – апелираат оттаму.

ВИСОКОЗАРАЗНИ БАКТЕРИИ КАКО РЕАЛНА ОПАСНОСТ ПО ЗДРАВЈЕТО НА ОНИЕ ШТО ГО ПРЕМИНУВААТ ПЕШАЧКИОТ НАДВОЗНИК

Голем број научни студии и анализи строго советуваат чевлите што се носат надвор, да бидат оставени надвор од домот, односно во ниту еден случај да не се внесуваат внатре.
Кога станува збор за пешачкиот надвозник на Бит-пазар, газењето по човечките фекалии, особено за малите деца, може да биде животозагрозувачко, бидејќи тие не внимаваат и воопшто не ни знаат зошто треба да внимаваат на хигиената, што нужно значи дека никако не треба да ги допираат своите чевли.
Доколку сепак некој одлучи да направи таква егзибиција и да помине преку пешачкиот мост, а потоа влезе во автомобил, по кој децата се качуваат со истите чевли, буквално она што се случува е директно загрозување на животот со застрашувачки бактерии.
Студиите покажуваат дека чевлите што се носат надвор или, во случајов, чевлите со кои некој пешачел на мостот, се повалкани од тоалетната школка.
За намената на едно американско истражување, десет лица носеле нови чевли, секој ден во период од две недели. По две недели, на чевлите кај сите нив биле пронајдени бактерии. Според анализата, кај чевлите биле пронајдени 421 илјада бактерии, а во дури 96 проценти од чевлите биле пронајдени фекалии.
Она што загрижува е фактот што тие бактерии се шират, па доколку ги внесете дома, шансите да ги пренесете на собните папучи или, пак, на чорапите се од 90 до 99 проценти.
Меѓу многубројните бактерии била пронајдена и ешерихија коли, која е причинител на инфекции во уринарниот тракт и дијареја, а исто така била пронајдена и бактерија што предизвикува пневмонија и инфекции на респираторниот тракт.