Фото: Игор Бансколиев

Од Град Скопје велат дека нивните комунални инспектори можат да ги санкционираат само сопствениците на паркираните возила на зелените површини во Градскиот парк, додека, пак, за оние што возат возила во паркот единствено што можат е да пријават во Министерството за внатрешни работи

НЕСОВЕСНИ ГРАЃАНИ ИМ ЈА ЗАГРОЗУВААТ БЕЗБЕДНОСТА НА ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА ГРАДСКИОТ ПАРК

Градскиот парк е една од најпосетените локации за одмор и рекреација на скопјани. Зелената оаза во срцето на градот, со своите пешачки патеки, местата за одмор и езерцата, отсекогаш била привлечно место за граѓаните што сакаат барем за миг да побегнат од градската врева и од секојдневните проблеми. Тоа е простор што треба и мора да биде безбеден, каде што ќе се дише за нијанса почист воздух од другите делови на градот, каде што децата слободно ќе трчаат без ограничувања, ќе возат велосипеди и тротинети, а нивните родители за момент ќе можат да земат оддишка на поставените клупи и ќе уживаат во спокојот и мирот.
За овие идилични мигови да траат во текот на целата година, на влезовите се поставени рампи што треба да ги спречат возилата да влегуваат во паркот и со тоа да ги уништуваат патеките, кои не се креирани за возила, но и за да спречат нарушување на безбедноста на посетителите на паркот.

Рампите кренати, опасноста демне

За жал, замислата е добра, а и реализацијата се покажа како успешна, но во последно време зачестија поплаките на граѓаните дека несовесни возачи наоѓаат начин да ги „заобиколат“ прописите и да влезат со своите возила во забранетата зона за нив. По трагата на оваа вест добиена од нашите читатели, во изминатиот период екипата на „Нова Македонија“ беше присутна на посочените локации и регистрира неколку случаи во кои на влезот во Градскиот парк, поставените рампи што треба да го забранат влезот на автомобили беа отворени, со што влезот на возилата воопшто не беше спречен.
Како што вообичаено се случува тоа, додека ја подготвувавме новинарската сторија, еден инцидент на најдобар начин ги потврди сознанијата што дотогаш ги бевме собрале од нашите соговорници. Имено, поголем број граѓани го регистрираа случајот на дваесетгодишно момче, кое со своето возило се движело по патеката наменета за пешаци во паркот. Токму благодарение на реакцијата на граѓаните, кои со своите мобилни телефони го регистрираа возилото на локацијата на која не смее да се движи, полицијата го пронајде и презеде мерки во согласност со соодветните законски прописи.
За граѓаните што ги анкетиравме ситуацијата е алармантна, бидејќи повеќето од нив биле сведоци кога несовесни, претежно помлади лица, управувале со автомобили во паркот. Некои од нив велат дека ваквата слика навистина не е многу честа, но секогаш кога се појавува возило на пешачките патеки, граѓаните со право се вознемирени, бидејќи со тоа се доведуваат во опасност сите присутни.
– Бидејќи живеам во непосредна близина на Градскиот парк, речиси секојдневно сум таму со моите деца. Факт е дека проблемот е доста сериозен, бидејќи барем јас редовно забележувам возила како возат тука. Несвесни за фактот дека има мали дечиња што слободно трчаат во паркот, возат со релативно голема брзина, а ние, родителите, во паника трчаме да ги прибереме децата. Ништо подобра не е ниту ситуацијата со моторџиите, кои возат во паркот, се тркаат, воопшто не размислувајќи за сериозните и животозагрозувачки последици што можат да ги направат – вели Александар Герасимовски.

Апел од градските власти

Од Град Скопје велат дека нивните комунални инспектори можат да ги санкционираат само сопствениците на паркираните возила на зелените површини во Градскиот парк, додека, пак, за оние што возат возила во паркот единствено што можат е да пријават во Министерството за внатрешни работи.
– Комуналните инспектори на Град Скопје во рамките на нивната надлежност можат да санкционираат автомобили што се движат и се паркираат на зелени површини во Градскиот парк. Службите на Град Скопје можат само доколку затекнат автомобил во движење на посочените локации соодветно да го пријават до Министерството за внатрешни работи – велат градските власти.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги почитуваат правила за движење и однесување во Градскиот парк. Дополнителна опасност за сите несовесни возачи, но и за посетителите на паркот може да претставува фактот дека дел од пешачките патеки во моментов се реконструираат, па токму затоа влегувањето со возило е крајно неодговорно.


Заштитни столпчиња за зачувување на пешачките патеки низ градот

Проблемот со паркирањето возила на несоодветни локации добива сѐ посериозни размери. Несовесните возачи ги оставаат своите возила каде што ќе стигнат, а притоа узурпираат простор предвиден за пешаци. Ваквиот проблем ги принуди надлежните, со цел да ги заштитат пешаците и пешачките зони, да поставуваат заштитни столпчиња.
Неодамна, екипите на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје, поставија 94 заштитни столпчиња на реконструираната пешачка патека на улицата Љубљанска, на потегот од булеварот Партизански одреди до улицата Разловечко востание.
Во тек е реконструкција и на третиот дел од пешачката патека до булеварот Илинден, а по нејзиното завршување и на овој потег ќе бидат поставени заштитни столпчиња, со цел зголемување на безбедноста за пешаците во овој дел на градот и спречување на непрописното паркирање возила на пешачката патека.